четврток , 29 јуни 2017
denari

Политичката криза ја разниша довербата во денарот

Разнишаната доверба на јавноста кон банките во второто тримесечје од минатата година, покрај со повлекувањето на депозитите, беше изразена и преку недоверба за стабилноста на домашната валута и последователно засилена побарувачка на девизи (ефектива или девизни депозити), соопшти Народната банка во најновиот извештај за ризиците во банкарското работење.

– Ова предизвика прекин на постојаната денаризација на депозитите на банките присутна во изминатите години. Годишната стапка на пораст на денарските депозити речиси се преполови во однос на претходната година и, наедно, е пониска во споредба со стапката на пораст на девизните депозити, која забрза во 2016 година. Ова предизвика да се намали учеството на денарските во вкупните депозити, од 57,6 отсто во 2015 на 56,9 отсто на крајот на 2016 година. Во 2016 година, порастот на денарските депозити (кој изнесуваше 4,1 отсто) најмногу беше условен од порастот на корпоративните депозити – соопшти НБМ.

Оттаму додаваат дека денарските депозити на домаќинствата се зголемиле за само 0,7 отсто, што е повеќекратно забавување во однос на претходната година, кога порастот изнесуваше 14 отсто.
– Годишниот пораст на девизните депозити (7,6 отсто) забрза, при што девизните депозити на домаќинствата имаа малку поголем придонес (49,6 отсто) во однос на придонесот на корпоративниот сектор (41,6 отсто). Народната банка реагираше на зголемената побарувачка на девизи со интервенции на девизниот пазар и преку зголемување на основната каматна стапка од 3,25 на 4 отсто, а во мај 2016 година ги реактивира аукциите на девизни депозити кај Народната банка (како атрактивен инструмент за насочување на слободната девизна ликвидност на банките). Запирањето на процесот на денаризација на депозитната база беше проследено и со скратување на нејзината рочност, што може да е одраз и на политичката несигурност во земјата и недовербата на јавноста – информираат од НБМ.

Во банката додаваат дека краткорочните депозити продолжиле да се намалуваат и во 2016 година, а најзначаен пораст оствариле депозитите по видување, чија годишна стапка на пораст (13,7 отсто) е трипати повисока во однос на стапката на пораст на долгорочните депозити.
– Малку невообичаено, но во порастот на депозитите по видување, домаќинствата имаа поголем придонес (55,6 отсто) во споредба со придонесот на корпоративниот сектор (39,2 отсто). Годишниот пораст на долгорочните депозити (4,5 отсто) во поголем дел (или 65 отсто) е условен од девизните депозити на домаќинствата. Валутната и рочната трансформација на депозитите, иако придонесуваат за помали каматни расходи во билансите на банките, сепак, го усложнуваат управувањето со ликвидносниот ризик и наметнуваат потреба од нивна поголема внимателност, односно чување поголеми износи ликвидни средства, кои пак се помалку приносни – велат во НБМ.

Слични написи

dragan tevdovski

Тевдовски: Од септември, со државна поддршка, минималната плата 12.000 денари

Со 1,5 милион евра буџетски средства месечно, Владата ќе ги поддржи компаниите да исплаќаат минимална …