недела , 22 октомври 2017
Мијалков

ПОСТОЈАТ ЛИ СКРИЕНИ МОТИВИ ВО УКИНУВАЊЕТО НА ЛУСТРАЦИЈАТА?

Мијалков
   Јордан Мијалков


Пишува:
Зоран Милошески

По иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, од 1.09.2015 година престанува да важи Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност, во јавноста познат како Закон за лустрација.  

Главната дилема која останува неразјаснета после неговото укинување, е кои се вистинските мотиви поради кои владејачкото мнозинство Законот го стави ад акта?    

Европската комисија препорача ревизија на лустрацијата

Постојат редица аргументи кои укажуваат на тоа дека лустрацијата не ја постигна планираната цел.

Од денот на носењето на Законот па сѐ до неговото укинување, Комисијата за верификација на фактите (КВФ) проверила повеќе од 30.000 досиеја, при што лустрирала околу 300 лица од кои половината се починати. Освен јавното жигосување на дваесетина интелектуалци и угледни граѓани кои важат за жестоки критичари на власта, никој од лустрираните не понесе никакви санкции. Конкретно, сите оние кои Комисијата ги прогласи за соработници на тајните служби и натаму се наоѓаат на истите функции и истите работни места како и пред нивното лустрирање.

Впрочем, има ли поголема бесмислица од тоа за соработник на тајните служби да биде прогласен и Заменик директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Силјан Аврамовски, а тој и натаму да биде втор човек на Управата?

Веројатно дека Европската комисија (ЕК) ги имала во предвид и овие факти кога ѝ препорача на нашата држава заради, како што се вели во документот, „сериозни недостатоци“, да го ревидира или укине Законот за лустрација. За потсетување, препораката произлезе врз основа на Извештајот на Рајнхард Прибе за владеењето на правото во Македонија.

Меѓутоа „вечниот“ претседател на КВФ Томе Аџиев смета дека препораките на ЕК не се однесуваат на работата на Комисијата, туку на Владата. Во тој контекст, Аџиев смета дека Комисијата успешно ја завршила својата работа со што, според него, била исправена една историска неправда.    

Аџиев „не се согласува“ со сопственото мислење

Томе Аџиев е еден од луѓето околу кој се врти целата приказна со спроведувањето на лустрацијата и начинот на кој ја раководеше КВФ. Заради неговите контроверзни изјави, јавното полемизирање со повеќемина од лустрираните, како и поради конфликтот со дел од членовите на првиот состав на Комисијата, пошироката јавност го смета Аџиев за еден од поголемите виновници за девалвирањето на целиот процес.

Особено зачудува драстичната промена на неговиот став по однос на времетраењето на лустрацијата.

Имено, пред само една година, веднаш после изборот на новиот состав на КВФ, на 30.07.2014 година, Аџиев рече дека за време на новиот мандат Комисијата ќе треба да ги провери преостанатите 20.000 досиеја и дека во периодот кој следел ќе наметне, цитирам, „пеколно темпо за да може, согласно Законот, целата процедура да биде завршена до 2019 година“!

Нецела година подоцна првиот лустратор ретерира од сопствениот став, па ќе рече дека и покрај притисоците во кои со континуитет се соочувала, КВФ работела напорно и посветено и успеала работата да ја заврши пред предвидениот рок!?   

Простата математика вели вака: Ако е точно дека во периодот од 01.08.2014 до 01.09.2015 година КВФ ги разгледала сите преостанати 20.000 досиеја, тоа значи дека Комисијата дневно разгледувала по 500 досиеја. Односно, дека секој од 11-те членови на КВФ секој ден читал по приближно 5 досиеја, се разбира под услов секој од нив да работел во текот на сите 400 денови, вклучително и за време на државните и верските празници, дека никој од нив не користел ниту годишен одмор, викенд или слично. Притоа не смее да се заборави дека меѓу досиејата има и такви кои се „дебели“ и по неколку стотини страници. Прилично неверојатно за да биде вистинито!

Молкот на првиот лустратор

Во интерес на вистината, РеволуционерМк испрати неколку прашања до претседателот на КВФ Томе Аџиев и до поранешниот портпарол а сегашен член на Комисијата, Предраг Димитровски.  

Ниту едниот ниту другиот не одговорија како тоа после само една година од функционирањето на новиот состав, спротивно на нивните очекувања, КВФ ја заврши работата 4 години порано од предвидениот период, исто како што не кажаа која е логиката лустрацијата да биде укината, Комисијата да нема мандат да покренува нови постапки а нејзините членови да земаат плата и во следните година или две?

Променливиот став на владејачкото мнозинство за толку краток период е неразбирлив и за поранешниот член на КВФ Благоја Гешоски. Според Гешоски, ако се суди според бројот на одржани седници, динамиката на работа на Комисијата е далеку од работење „со полна пареа“.

„Извештајот на г-нот Прибе ги потврди причините поради кои јас и колегата Витановски поднесовме оставки од КВФ, а тоа беа селективноста во работата, тенденциозноста, бесмисленоста да се лустрираат починати лица и поранешни функционери, односно претворањето на процесот во „лов на вештерки“ и во инструмент за јавно жигосување на политичките неистомисленици. Фактот дека никој од малкуте лустрирани актуелни носители на јавна функција не е разрешен од функцијата и покрај Решението на КВФ, е доказ дека и власта не го почитува Законот, дека неговата цел не е тие лица да бидат отстранети од функцијата, туку само да бидат обележани како „кодоши“, вели Гешоски.  

Досието на Јордан Мијалков причина за запирањето на лустрацијата?

Во недостиг на официјални и издржани аргументи, јавноста шпекулира со скриените мотиви за запирањето на лустрацијата. Иницијативата на Јордан Петровски за утврдување одговорност на поранешниот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков, татко на до неодамна првиот човек на УБК Сашо Мијалков и вујко на премиерот Груевски, е една од најчесто споменуваните причини.

Решение за прислушување

Имено, г-нот Петровски до КВФ го доставил Решението за примена на мерката Тајна контрола на меѓународниот телефонски сообраќај спрема лицето Маноил Јаковлевски-„Мане заради, како што стои во образложението, поврзување со екстремни и милитантни припадници на партијата ВМРО-ДПМНЕ во земјата и екстремни припадници на македонското иселеништво во странство“.  

Во врска со тоа, во една своја изјава претседателот на КВФ Аџиев рече дека иницијативата била процесирана, без да каже повеќе детали.

РеволуционерМк го праша Аџиев што се случи со постапката за овој предмет, односно дали намерата истиот да не биде расчистен е една од причините поради кои се укинува лустрацијата? Одговор, погодувате, не добивме.

Како член на првиот состав на КВФ, Благоја Гешоски не ја исклучува можноста дека токму ова е мотивот за укинување на лустрацијата.

„Оваа власт во 2012 година го промени Законот со цел да ги опфати поранешните функционери, посебно лицата кои работеле во тајните служби. Комисијата ги лустрираше сите министри за внатрешни работи, освен оние од сегашната власт: Мијалков, Трајанов и Димовска. Точно е дека постојат сомнежи оти е тоа една од причините за укинувањето на лустрацијата. Комисијата ќе треба да одговори зошто не постапила по споменатата иницијатива, или ако постапила зошто не го лустрирала министерот Мијалков бидејќи со исти такви документи и за истото лице како во прилогот на иницијативата, претходно лустрирала други министри и вработени во УБК. Власта која го променила Законот со цел да лустрира одредени лица, сигурно е спремна да го укине истиот тој Закон со цел некого да заштити“, потенцира Гешоски.

Она што исто така барем засега ќе остане нејасно, е дали, кој и на каков начин се офајдил од стапувањето на сила на Законот за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност.  

Томе Аџиев беше претседател на Комисијата за верификација на фактите речиси за целото време на нејзино постоење. Од анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување на корупцијата може да се види дека во овој момент Аџиев поседува куќа, стан, деловен простор, куќа во изградба, моторни возила, удели во хартии од вредност и друг личен имот.

Новата „куќа во изградба“ на Аџиев

Истовремено, по јавниот оглас за вработување на државни службеници во Министерството за финансии, во февруари 2015 година неговата ќерка Софија Аџиева била вработена во Управата за имотно правни работи во Ресен.

Вработување Софија

Конечно, дилемата за скриените мотиви при укинувањето на лустрацијата, како и за тоа дали предметите каков што е оној на Јордан Мијалков некој намерно ги чувал во фиока и чекал да дојде 1.септември, ќе треба да ги расчисти некоја нова комисија која можеби ќе биде формирана непосредно после априлските избори во 2016 година.    

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …