среда , 18 октомври 2017
sobranie

Пратениците расправаат по Предлог-законот за зголемување на минималната плата

Собранието на Република Македонија денеска ја почна расправата по Предлог-законот за зголемување на минималната плата со кој официјално треба да започне исплатата на минималната плата во износ од 12.000 денари.

За таа цел, месечно ќе се одвојуваат 1,5 милиони евра буџетски средства со кои ќе се поддржуваат компаниите да го исплаќаат овој износ на минимална плата.

Зголемувањето на минималната плата ќе се однесува на сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и индустријата за обувки.

За збор по оваа точка од дневниот ред пријавени се околу 35 пратеници.

Според пратениците од опозицијата, со предлог законот се дерогира Изборниот законик и се носи популистичко решение кое нема да има никакви ефекти на среден и на долг рок. Предлог-законот, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, е наменет за предизборни цели и се очекува дека со неговото донесување работниците кои ќе добијат покачување на минималната плата ќе гласаат за СДСМ на претстојните избори.

Пратениците од парламентарното мнозинство ги негираа обвинувањата, истакнувајќи дека предлог-законот не е предизборен политички маркетинг, туку оти како лево ориентирана партија предлагаат закони кои имаат социјална димензија. – Ако законот не е издржан, зошто не поднесовме ниту еден амандман да го подобрите текстот на законот, праша Васко Ковачевски од СДСМ. Големиот број пријавени пратеници од опозицијата за збор, според СДСМ, е со цел да се одоговлекува донесувањето на овој закон.

На почетокот на денешната седница беше дадена пауза од половина час по барање на Антонио Милошоски од ВМРО – ДПМНЕ кој побара поддршка за два нивни закона. По паузата, координаторот на СДСМ Томислав Тунтев од собраниската говорница појасни дека согласно мислењето на Министерството за финансии и на Владата, двата закона предложени од ВМРО-ДПМНЕ се неприфатливи поради сумите кои се потребни за нивна реализација и поради тоа што материјата што ја третираат, се разработува во дел од законите од владината политика.

Во рамки на 12. седница денеска беа донесени измените на Законот за медицински студии и континуирано стручно усовршување на докторите на медицина.

Расправата по оваа точка продолжува по редовната едночасовна пауза, а на дневен ред се и предлог – законите за решавање на статусот на стечајните работници и за укинување на радиодифузната такса. На дневен ред се и предлог законите за зголемување на платите на вработените во јавната администрација, за издавање вредносни бонови – ваучери и измените на Законот за извршување, поднесени од опозицијата.

Слични написи

ilija jovanoski glasanje

Јованоски: Повикувам на фер,мирни и демократски избори

Кандидатот за градоначалник Илија Јованоски повика на фер, мирни и демократски избори.