среда , 18 октомври 2017
4

Приказната на Бојан – Македонецот кој испровоцира чудо и ја победи парализата!

Чудата постојат, ако имате верба и ако се трудите, се може да стане реалност. Оваа инспиративна и трогателна приказна ја воодушеви цела Македонија, таа му се поклонува на младиот Бојан, кој при несреќен скок во вода останал инвалид, но сега повторно стои на свои нозе. Приказната ја раскажува токму тој на Фејсбук. Ви ја пренесуваме во целост.

bojan

– “Се сеќавам дека пред точно 9 години овој ден беше сончев, а сепак беше мрачен… таков беше од утрото во кое ме расони веста дека шансите пак да застанам на нозе се 0%.Се прашував дали уште спијам, дали е јаве? Не ми беше прифатливо и никогаш не го прифатив тоа.

Си направив моја верзија, според која јас сум на точка 0 и треба да стигнам до точка 100. И така тргнав од нулата… на почеток толку бавно се стигнуваше до следната точка што се прашував дали е доволен еден живот за да стигнам до 100ката.
Еве 9 години патувам по мојата замислена оска, полека стигнувам до крајот. Често се навраќам наназад и сфаќам дека тој мрачен 1ви ноември ми донесе илјадници среќни денови, дека благодарение на тој ден сè доби смисла во мојот живот. Благодарение на тој ден јас денес правам работи кои инаку не би се осмелил да ги направам. 9 години после тој ден јас уживам во сопствената кожа, си го сакам мојот живот, повеќе ги ценам сите нешта, едноставно тој мрачен ден денес го гледам како светла точка.
Многу работи се сменија во позитивна смисла. Mожеби поинаку се движам денес, но не ми пречи да се издвојувам од другите, отсекогаш сум го сакал тоа. Начинот на одење си го припишувам како дел од стилот!  ;) Вие што пратите различни стилови не ми го преземајте, си имам авторски права!

Сакам само да ви пренесам да не се заробувате во минатото, брзајте иднината да стане сегашност…
Еден е животот, ваш е, никој друг нема право на него…
Не се откажувајте од тоа што силно го посакувате.

ЈАС НЕМАМ ОПРАВДУВАЊА, А КОИ СЕ ВАШИТЕ?

Пред 3 години една остварена жена како личност и професионалец, мојот физиотерапевт Маја Улк, ме научи нешто многу важно, дека никој не може да ти поставува ограничувања, никој не може да ти ги ограничи видиците, секогаш труди се да погледнеш што има зад преградата… силата и вербата во себе ќе те одведат до целта.

Неизмерно сум ти благодарен Маја, затоа што ми инјектира дополнителна храброст, дополнителна упорност. Ти благодарам што ми покажа дека не е најтешка работа на Светот да направиш стомачни вежби, напротив, една од најлесните е!” :D

И за крај: I’M ONLY HUMAN AFTER ALL!  :)

Чудата не секогаш сами се случуваат, многу почесто треба некој да ги испровоцира. Велат хероите се познаваат на мака, а чудата ги следат.

Слични написи

ilija jovanoski glasanje

Јованоски: Повикувам на фер,мирни и демократски избори

Кандидатот за градоначалник Илија Јованоски повика на фер, мирни и демократски избори.