сабота , 21 октомври 2017
konferencija-zakon-za-zashtita-na-ukazhuvachite

Примената на законот за укажувачи е слаба зашто нема политичка волја

Четирите клучни институции за спроведување на законот, т.е. за надворешното пријавување – ДКСК, МВР, НП и ЈО, се крајно пасивни во спроведувањто, т.е. некои од нив сè уште не си ја вршат улогата доделена со законот со различен тип оправувања

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Една година по воведувањето на Законот за заштита на укажувачите (10.11.2015), добиен како резултата на „пржинските преговори“ за излез од кризата неговата примена се одвива слабо, пред сè, поради институционалната негрижа, која, пак, се должи на недостиг од политичка волја.

Ова е речиси општа констатација на учесниците на завршната конференција од проектот за подигање на јавната свест од потребата за ваков закон, што ја организираше Транспаренси Интернешнл Македонија (ТИ-М), а која беше во форма на тркалезна маса насловена „Закон за заштита на сведоци – искуства и предизвици“.

Институционалната негрижа е, всушност, недостиг на политичка волја за спроведување на законот, изјави претседателката на Транспаренси интернешнл – Македонија д-р Слаѓана Тасева. Законот создава обврски и за приватните и за јавните компании, организации, институции. Сите тие треба низ примена на законските и подзаконските акти – правилници за внатрешно и надворешно пријавување, како и со назначување на овластено лице задолжено за пријавите и кое ќе им биде познато на сите во организацијата, практично да ја овозможат примената на законот.

За непочитување на обврските од овој закон следуваат и законски казни. Токму тука можеби лежи објаснувањето зошто поголем интерес за спроведување на законот покажале приватните компании, отколку јавните организации и институции.

Иста казна е предвидена и за приватните фирми и за јавните институции, но поради селективната правда која постои, кога инспекторите ќе тропнат на врата, сигурно нема да го казнат, на пример, директорот на Државната комисија за спречување на корупција – изјави Тасева.

Согласно законот и неговиот прекршочен дел, во член 16 се наведува дека глобата што ќе им се изрече на овластено лице или на институцијата, односно на правното лице доколку не постапат согласно одредбите на транспретна постапка за пријавување и на законкска заштита на податооците на пријавувачот, ќе бидат казнети со глоба од 3 до 6 илјади евра во денарска противредност.

 

ИЗГОВОРИТЕ НЕ ВАЖАТ – ЗАКОНОТ МОРА ДА СЕ ПРИМЕНУВА

Претседателкат на ТИ-М, Тасева, рече дека постојат бројни изговори за неспроведување на законот, но дека генерално се групираат во две.

Првата група е дека нема пари во буџетот на јавните организации и институции за такво нешто. И вистина, сведоци сме на два буџета донесени откако е усвоен законот, пари за негова примена не се предвидени. Но, тоа не им дава право на институциите да бегаат од примената на законот, туку тој мора да се спроведе, зашто неспроведувањето е казниво дело, рече Тасева.

Втората група на изговори, според Тасева е во забуната и оправдувањето дека Венецијанската комисија имала одредени забелешки за законот и дека тие сè уште не се вградени, иако власта вети деке ќе ги вгради веднаш откако забелешките ќе бидат достапни. И ова не е точно, бидејќи непримената на законот не смее да се оправдува со овој факт. И онака забелешките на Венецијанската комисија беа мали, додава Тасева, така што и веднаш да се применат нема да ја сменат суштината на законот.

Дека постојат ваков тип на оправдувања потврди и претставникот на Народниот правобранител, кој рече дека неговата институција сè уште не го применува законот затоа што нема пари ни просторни услови да прифаќа внатрешно или надворешно пријавување.

 

КЛУЧНИТЕ  ИНСТИТУЦИИ – ПАСИВНИ И БАВНИ

Според Законот за заштита на укажувачите постојат три вида пријавување. Внатрешно, надвоорешно и јавно. Задолжителна е постапката за секој пријавувач – укажувач на корупција и на нејзините штетни последици. Мора да пристапи најнапред кон внатршно пријавување, односно во својата организација. Согласно член 5 од Законот, тој дури потоа може да пристапи  кон надворешно пријавување или директно кон надворешно само доколку внатрешното пријавување се однесува посредно или непосредно на раководно лице во институцијата, односно во правното лице. Во спротивно, надворешното пријавување се извршува само доколку не се почитуваат одредбите за внатрешно пријавување по кој било основ.

Токму затоа, во Законот се определени четири институции кое се главни за надворешното пријавување, иако не се исклучуваат ни други институции. Станува збор за Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за Народниот правобранител, за наделжното Јавно обвинителство или за Министерството за внатршни работи.

Сите овие институции треба да имаат изготвено внатрешни акти со кои ќе го овозможат надворешното или внатрешното пријавување. За жал, освен ДКСК, која има изготвено вакви документи, но тоа никаде не го истакнала, другите институции не се произнесоа, иако претставникот од МВР рече дека стигнале до нацрт-упатство и дека се надева оти наскоро ќе биде прифатено. Всушност, Дејан Андонов од Секторот за внатрешна контрола при МВР рече дека „владеењето на правото (вклучувајќи ја и доследната примена на овој закон – н.з.), ќе биде клучно за опстојувањето на државата“ и дека е јасно дека „законите не можат да егзистираат сами за себе, туку дека мора да се применуваат и во практиката“.

Претставничка од ДКСК, која беше во публиката, при крајот на тркалезната маса информираше дека ДКСК добила информација од преку 80 правни лица од кои 71 јавна институција или организација дека ги спровеле процедурите што ги налага законот за да може да биде функционален. На ова следуваше забелешката од Тасева дека согласно законот тие мора да бидат транспарентни и оваа информација да ја има на нивната веб страница.

 

ГРАЃАНИТЕ НЕ ИМ ВЕРУВААТ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

На крајот на излагањата беа прикажани резултатите од истражувањето на јавното мислење поврзано со донесувањето и примената на законот, што го изготви агенцијата „Рејтинг“. Овие резултати, како што кажа Тасева, јасно укажуваат дека граѓаните сè уште не им веруваат на институциите и дека засега и покрај донесениот закон таа недоверба сè уште е главната пречка за пријавување.

На пример, на прашањето дали мислите дека би имале последици доколку пријавите корупциија или други злоупотреби би имале штетни последици, дури 70.3 отсто сметаат дека да, наспроти 25 отсто кои мислат дека не би имале последици и 4,6 отсто кои не го знаат одговорот на ова прашање.

На прашањето каков вид последици би имале, 47,2 отсто сметаат дека со пријавувањето би го загубиле работното место, околу 30 отсто сметаат дека би имале притисоци на работното место, околу 9 насто дека би биле преместени на пониско работно место, 4.6 отсто мислат дека би биле казнети со пониска плата, а нешто над 9 отсто не го знаат типот на последицата.

Ова кореспондира и со одговорите дека лицата што пријавуваат незаконито работење не се доволно заштитени. Вака размислуваат дури 60,6 отсто, додека околу 36 отсто сметаат дека заштита е доволна.

Амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп во дискусијата наведе повеќе причини зошто неговата земја го помага спроведувањето на овој и на слични проекти, но клучната е, зашто верува дека демократијата им припаѓа на граѓаните а не на политичарите.

Целта на законот, меѓу другото, е токму таа – да ја поттикне партиципацијата на граѓаните во подобрувањето на состојбите во општеството преку борбата со корупцијата, што од друга страна доведува до поцврста и постабилна демократија.

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слични написи

ilija jovanoski glasanje

Јованоски: Повикувам на фер,мирни и демократски избори

Кандидатот за градоначалник Илија Јованоски повика на фер, мирни и демократски избори.