сабота , 23 септември 2017
armsvecenost

Професионален војник за ФОКУС: Подложен сум на тортура поради партиската припадност

arm misija
Додека за едни клучна е партиската припадност за да се вдомат во државни јасли, за други таа е причината секојдневно да се на чекор до отказ. Се зависи од тоа која боја ја има нивната членска книшка. На тортура поради неговата партиска припадност кон опозицијата, се сомнева професионалниот војник Небојша Костадиновски. Тој во АРМ се вработил во 2006 година, а за „Фокус“ објаснува дека проблемите му почнале пред неколку години.

-Тортурата на работното место почна во 2008 година, кога од родното место Тетово добив прекоманда во Охрид. По осум месеци, се сетија да ме вратат во Тетово, а потоа година и два месеци бев во касарната Илинден во Скопје. Ниту тоа не им беше доволно, па неодамна добив прекоманда во Кичево, повторно без било какво објаснување, вели Костадиновски во изјава за ФОКУС..

Тој додава и дека два пати бил и на дисциплинска комисија за прекин на работниот однос, но останал на работното место бидејќи ништо не згрешил. Додека бил на уредно боледување, пак, со месеци не му била исплаќана платата, поради што поднел тужба, но по „добронамерен“ совет дека доколку не ја повлече, ќе го изгуби работното место, тој ја повлекол.

-Немам ниту една црна дамка во кариерата, а постојано сум соочен со проблеми, па затоа се сомневам дека некому му пречи мојата политичка активност, во приватното време, во општинската организација на СДСМ во Брвеница, вели Костадиновски, кој објаснува дека најновиот тригодишен договор со АРМ го потпишал во март годинава, но вели дека не знае дали ќе издржи до крај. Се сомнева дека постојаната тортура е притисок самиот да си замине.

Тој истакнува и дека досега неколку пати се пријавувал да замине на мировна мисија за Авганистан, но бил одбиван, додека некои негови колеги заминувале по три-четири пати.

-Во 2007 година целата моја чета замина во Авганистан, само јас не. И потоа сакав да одам, но ниту еднаш не ме избраа, вели нашиот соговорник, татко на две малолетни деца.

„Фокус“ уште пред неколку години пишуваше дека голем број од војниците кои заминуваат за Авганистан, мораат да платат мито од 2.000 евра, или да имаат голема партиска поддршка. Тогаш и Министерството за одбрана покрена истрага, но аферата немаше завршница. Големиот интерес на војниците за Авганистан трае и до ден денешен, поради добрата заработувачка од десетина илјади евра, за неколку месеци.

Додека едни минуваат низ сито и решето за да се вработат или да ја задржат работата, дел од оние постарите, пак, решаваат самоволно да си заминат од армијата. Од Независниот синдикат на војници предупредуваат дека секогаш имало поединци што ја напуштаат војската, но сега се случувало со засилено темпо и во поголем број.

-Немаме точна бројка, но слободно можам да кажам дека годишно стотина војници ја напуштаат армијата. До неодамна тоа го правеа откако ќе извадат бугарски пасош, па со него лесно заминуваа на работа во некоја од европските држави, но сега нагло си заминуваат притиснати од лошите услови и малата заработувачка, велат од Независниот синдикат.

Од Министерството за одбрана, пак, ни одговорија дека во последниве две години, 61 професионален војник доброволно го прекинале договорот за вработување.

Текстот во целост можете да го прочитате на ФОКУС.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …