недела , 22 октомври 2017
stomatoloshki

Професори од Стоматолошки факултет бараат оставка од в.д. деканката Мирјана Поповска

Професори од Стоматолошкиот факултет испратија отворено писмо до в.д. деканката Мирјана Поповска во кое бараат нејзина оставка. Тие велат дека неjзиното назначување било незаконско и неправилно, а тоа го потврдил и Државниот просветен инспекторат.

Исто така, професорите во отвореното писмо наведуваат дека за 4 месеци, колку што Поповска ја извршува функцијата, таа не успеала да одржи ниту една седница на Наставно-научниот совет, како и на Деканатската управа.

„Прво, не успеавте да одржите ниту една седница на Наставно-научниот совет. Минатата недела Ви пропадна и третиот обид да одржите седницата на овој орган на факултетот, но, како и претходните пати, немавте кворум за работа. И покрај сите притисоци врз дел од нашите колеги, не успеавте да обезбедите ни просто мнозинство. Уште на почетокот на Вашиот мандат Ве известивме дека нема да присуствуваме на седниците со кои раководите. Второ, не успеавте да одржите ниту една седница на Деканатската управа. Се обидовте и да го смените и нејзиниот состав. Назначивте три в.д. продекани, но и тоа не помогна за да обезбедите просто мнозинство. Следеше и предвремено прекинување на мандатот на постојните раководители на катедрите. Дури, назначивте в.д. раководители. Но, откако Ве предупредивме дека оваа Ваша активност е спротивна на актите на Универзитетот, ги поништивте донесените решенија“, се вели во писмото.

Професорите во него наведуваат дека не функционира ниту еден постојан одбор, совет и комисија на факултетот, како и тоа дека Поповска не успеала да формира комисија за упис на студенти.

„Во речиси 60-годишното постоење на Стоматолошкиот факултет за првпат, и тоа кога Вие сте в.д. декан, беше доведен во прашање уписот на студенти. Дали од незнаење или поради несовесно работење, задоцнивте со формирањето на оваа комисија. Мораше Ректоратот да интервенира и да ги запише студентите кои се пријавија на конкурсот. За жал, нашиот факултет е единствениот кој не формира комисија за упис на студенти“, пишува во отвореното писмо.

Професорите ја обвинуваат Поповска дека не ги спровела и активностите за отпочнување на новата учебната година и дека не утврдила распоред за изведување на теоретска и практична настава.

Во писмото се наведува дека за четири месеци Поповска двапати била на стручно усовршување во странство.

„Успеавте и да присуствувате на студентскиот конгрес што го организираше Студентскиот парламент при Стоматолошкиот факултет. Но, и пред нив премолчивте дека бевте потписник на контрапленумот и дека Ви е многу жал што нема да Ви поминат ‘реформите’ за кои се залагавте со контрапленумците“, пишува во писмото.

Професорите наведуваат дека Поповска останала глува на нивните барања професорот Киро Ивановски да биде назначен за декан на факултетот.

„Отворено Ве прашуваме проф. Поповска: Кого и што слушате? Зарем уште не сте свесни дека мнозинството професори, асистенти, научни соработници и студенти бараат проф. Ивановски да биде декан на Стоматолошкиот факултет? Не гледате ли дека го доведовте во прашање функционирањето на факултетот? Не гледате ли дека го загрозивте наставно-образовниот процес? Свесни ли сте дека сте учесник во погазувањето на автономијата на нашиот факултет?“, прашуваат професорите.

Тие во писмото наведуваат дека нема да учествуваат на избори за нов декан на факултетот затоа што тие го избрале  Ќиро Ивановски.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …