понеделник , 23 октомври 2017
BLOKIRANA GRANICA

Прогласена кризна состојба поради напливот на мигранти

BLOKIRANA GRANICA
Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во регионот на јужната и на северната државна граница поради зголемениот наплив на мигранти, со што согласно правните прописи се отвора можност за соодветен ангажман и на АРМ, информира денеска на прес-конференција портпаролот на МВР Иво Котевски.

Тој посочи дека меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните мигранти кои имаат намера да влезат на територијата на Република Македонија од соседна Грција и изготвува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија.

Појасни дека заради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку т.н. балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде што се регистрирани масовни илегални преминувања од грчка страна.

– Ангажманот на Армијата очекуваме да даде резултат во две насоки. Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ, да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил во Република Македонија согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиишто потписник е токму Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме, рече Котевски.

Нагласи дека за постапување по одлуката на Владата ќе биде формиран главен штаб при Центарот за управување со кризи кој треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности.

– Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека наскоро ќе биде утврден единствен хуман одговор од страна на Европската унија кој ќе ги опфати сите земји кои се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот, рече Котевски.

Посочи дека во изминатите 24 часа, издадени се потврди на 1.327 странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил во Република Македонија.

– Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 1.004.Во овие два месеца, откако стапија во сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 33.461, потоа на Авганистан – 2.073, Ирак – 1.947, Пакистан – 1.198, како и од други земји каде што има оружен конфликт, истакна Котевски.

Од почнувањето на издавањето на потврдите до денеска, појасни, до Одделението за азил се поднесени 47 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 34 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан, а од нив четири се деца кои го придружуваат родителот…

Одговарајќи на новинарско прашање, Koтевски рече мигрантите никогаш легално не влегувале во Република Македонија, ниту пак биле пуштани.

– Напротив МВР согласно капацитетите со кои располага ги преземаше сите неопходни мерки за да ја заштити нашата граница. За жал јужната граница која е надворешна граница на ЕУ воопшто не беше заштитувана од грчка страна односно не само што беа пропуштани, не беа запирани илегалните мигранти односно лицата илегално да ја минуваат границата. Напротив бевме сведоци во голем број случаи кога истите организирано беа транспортирани до границата, рече Котевски.

Со оваа одлука, нагласи тој, практично се засилува контролата на самата граница и во граничниот појас.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека дополнително ќе се утврдуваат трошоците, бидејќи досега МВР како една од институциите која имаше најмногу ингеренции околу контролата на границата се соочуваше со огромни месечни трошоци односно заради зголемениот ангажман на полициски службеници, возила итн.

– Нашите проценки говорат дека трошоците во изминатите неколку месеци заради дополнителниот ангажман изнесуваат околу 800.000 евра на месечно ниво. Тоа се дополнителни трошоци во однос на ангажманот кој го имаше само полицијата за обезбедување на јужната граница, посочи Котевски.

Укажа дека похуман третман подразбира посоодветен третман на лицата кои се илегални мигранти и кои се во Република Македонија.

– Факт е дека Република Македонија не располага со неограничени капацитети и еден е третманот кој може да им се пружи на лица кога станува збор за 1.500, 2.000, 3.000 или 5.000 мигранти кои би влегле во ист ден, а друг е третманот кој би го добиле доколку илегално успеат да ја поминат границата 50, 100 или 500 илегални мигранти, рече Котевски.

Се очекува македонското МНР соодветно ќе ги извести соседните земји за преземените мерки.

– Ние имаме контакти со грчката полиција, за жал не секогаш на соодветно ниво. Имено, претходниот период се обидувавме во голем број наврати да оствариме соодветен контакт, да направиме соодветна координација во однос на обезбедување на државната граница и мерките кои треба би требале да ги преземаат полициските службеници од грчка страна, но за жал немаше соодветен одговор, додаде Котевски.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …