четврток , 29 јуни 2017
kekavmen-predna korica

Промоција на “Совети и раскази од Кекавмен” од Јован Белчовски

Утре (среда, 26 април), со почеток во 11,00 часот, во свечената сала на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, ќе биде промовирана книгата „Совети и раскази од Кекавмен“ од проф. д-р Јован Белчовски, издание на „Македоника литера“.

Книгата ќе ја промовираат Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и проф. д-р Ратомир Гроздановски. За својот труд ќе говори и авторот, проф. д-р Јован Белчовски.

Ова издание ги содржи: оригиналната верзија на книгата од византискиот период „Совети и раскази“ од Кекавмен, преводот на проф. д-р Јован Белчовски и студијата на проф. д-р Белчовски во која пишува за тогашната општествено-политичка констелација, за авторот, за неговите користени извори, за содржината на ракописот на Кекавмен, како и за неговите истражувачи. Ова е прва презентација на ова познато дело на Кекавмен на македонски јазик.

Книгата „Совети и раскази“, чиј автор е Кекавмен, е пишувана од 1075 до 1078 година, и претставува една вистинска слика на општествено-политичките и економските состојби во Византиската Империја во X и во XI век. Авторот пишува за многу области од животот – за состојбите во градовите, политичките и идејните борби меѓу странките, посебно помеѓу аристократијата од престолнината и провинциската воена класа – кои се во постојани конфликти, за државата, битот, нормите, моралот и обичаите, семејните односи, правниот живот, службите, домаќинството, војните и востанијата, црквата и религијата, суеверијата и воопшто нивото на културата во епохата. Кон сите тие животни области авторот има свои погледи и дава свој суд. Животот во семејството е прикажан во сите негови нијанси и сегменти. Самиот полковник и внук на полковници, Кекавмен имал големо познавање за воената проблематика, за составот на армијата, начинот на војување, одбраната на крепостите, опремата и вооружувањето на војската, опсадните орудија итн. Тој пишува и за многу значајни настани поврзани и со владеењето на цар Самоил на македонската територија.

Ракописот бил напишан во Трапезунт – најјужните брегови на Црното Море. Оттаму бил однесен во манастирот Ивирон на Св. Гора и таму го пронашол рускиот учен Арсениј Суханов. Тој го однесол во Москва и денес се наоѓа во Патријаршиската библиотека. Тоа е единствениот познат зачуван ракопис, а претставува прв или втор препис од оригиналот.

Јован Белчовски е пензиониран професор и поранешен декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Докторирал на тема за историјата на Охридската архиепископија од нејзиното основање до паѓањето на Македонија под турска власт. Автор е на триесетина трудови од историјата на Охридската архиепископија и на православното христијанство.

Слични написи

соф

Објавена програмата за „Струмица опен фест 2017“

Организаторите на манифестацијата „Струмица опен фест 2017“ ја објавија овогодинешната програма за шестото издание што …