вторник , 26 септември 2017
Promocija FEIT inzeneri i magistri

Промовирани нови 310 инженери на ФЕИТ

Факултетот за електротехника и информатички технологии синоќа во Македонскиот народен театар ги промовираше 310-те нови инженери од кои 210 дипломирани студенти и 100 магистри.

На промоцијата присуствуваше министерката за образование и наука Рената Тренеска – Дескоска, деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски и претставници од Деканатот на факултетот.

Деканот Ташковски во своето обраќање потенцира дека Македонија секогаш има потреба од вакви кадри.

– Секогаш бидете свесни дека Македонија има потреба од Вас – луѓе кои ќе ги вложат своите потенцијали во развојот на општеството, лица кои ќе и помогнат на државата да го премости преодот од конвенционални кон обновливи извори на енергија и ќе ги внесат новите информациски и комуникациски технологии во сите области на делување. Се надеваме дека со Ваша помош, државата ќе ја подигнеме на уште повисоко научно ниво во нашата област, рече професор Ташковски.

Министерката Тренеска – Дескоска порача дека државните институции ќе ги отворат вратите за студентите и оти акцентот ќе биде ставен на мотивација на практикантите од ФЕИТ да ги споделат своите иновативни идеи.

Promocija FEIT i MON

– Владата ќе ги отвори вратите за студентите од Македонија да можат својата пракса да ја остварат во државните институции и да работат на реални проблеми и проекти од делокругот на работата на институциите, каде што може да најдеме заеднички интерес. Намерата е да го цениме квалитетот и тој да биде одлучувачки за вработување, а не роднински врски и партиска припадност, рече Десковска.

Проректорот за финансии, инвестиции и развој, професор д-р Билјана Ангелова порача дека скопскиот Универзитет, како најстар државен и најдобро рангиран Универзитет во Македонија, продолжува да се труди да ги издигне своите квалитети на уште повисоко ниво и го истакна ФЕИТ како еден од најдобрите факултети на УКИМ.

Од името на дипломираните студенти и магистри се обрати Дарко Мицев, кој рече дека се соочат со предизвиците кои ќе им бидат дадени во животот.

На промоцијата, на 38-те најдобро дипломирани инженери со просек над 9 им беа врачени награди од страна на ФЕИТ.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …