вторник , 26 септември 2017
Кривогаштани штрајк

Протест на вработените во ЈП „Пелагонија“ од Кривогаштани

Кривогаштани штрајк
Пишува:
Зоран Милошески

Заради неисплатени 9 цели плати и уште половината од 6 заостанати плати за кои велат дека им се исплатени во форма на аванс, осуммина вработени во ЈП „Пелагонија“ од Кривогаштани излегоа на протест пред зградата на локалната самоуправа.

„Директорот нѐ убедува дека парите за 6-те заостанати месеци кои ни биле исплатени било плата, дека ни било платено и здравственото и пензиското осигурување. Ние поседуваме документ кој кажува дека 14 месеци ништо не ни е платено. Директорот една година нѐ лажи. Последниот пат кога го прашавме за нашите плати, рече оти не знаел колкава ни била платата за да ни ја исплател. Мојата плата во 2014 година беше 14.300 денари, а од осми месец тој ни исплаќа само 9.600. Не знаеме што е тоа, дали е плата или аванс“, вели Љупчо Јанакиески, вработен во ЈП „Пелагонија“.


Вработените велат дека директорот им доставил известување дека без негово писмено одобрение не смеат да користат и да управуваат средства, простории и репро материјали кои се во сопственост на јавното претпријатие. Во спротивно, како што пишувало во известувањето, за настанатата штета вработените ќе сноселе кривична одговорност.  

Ставот на вработените е дека сѐ додека не им биде исплатена плата и соодветна работна гардероба за есенските и зимските месеци, тие нема да ги извршуваат работните обврски.  

Директорот Жарко Тренкоски вели дека проблемите со кои се соочува јавното претпријатие се наследени и датираат од поодамна. Проблемот го гледа во пристапот на вработените кон работните обврски. Тој потенцира дека со многу залагање процентот на наплата успеале да го доведат до 87% и дека во насока на излез од сегашната состојба ЈП „Пелагонија“ своите услуги треба да ги прошири во што повеќе населени места во Општина Кривогаштани.

 

„Треба да ги заборавиме старите навики малку да работиме, а платата редовно да ја земаме. Така повеќе не може. Треба сите да работиме многу повеќе за да можеме да имаме редовни примања. Сметам дека излезот од сегашната состојба треба да го бараме во проширување на обемот на работа. Од тие причини имаме проект со кој планираме дел од населените места да ги приклучиме на регионалниот водовод „Студенчица“. Решение за проблемите постои, само треба време“, вели за РеволуционерМк директорот на ЈП „Пелагонија“ Жарко Тренкоски.  

Бројот на вработените во ЈП „Пелагонија“ во моментов изнесува 16. Заради лошите услови за работа, односно неисплатени плати и неплатено пензиско и здравствено осигурување, во последните 2 години 8 вработени ја напуштиле работата во јавното претпријатие.

Вработените велат дека последната плата ја зеле за август 2014 година, дека од 01.11.2014 година не им се плаќа здравствено осигурување, заради што најавија поднесување на тужби против јавното претпријатие.    

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …