сабота , 21 октомври 2017
radmila-sekerinska

Радмила Шеќеринска прва жена на чело на воружените сили

Радмила Шеќеринска Јанковска е прва жена која застанува на чело на Министерството за одбрана на Република Македонија. Таа е и единствената жена која го повикуваше Никола Груевски да излезе на дуел и да не се крие од женски фустан.Во исклучително долгата политичка кариера во неколку наврати е пратеник во Собранието, од 2002 до 2006 година во владите на Бранко Црвенковски и Хари Костов беше заменик-претседател задолжена за Европска интеграција и координација на странската помош. Токму нејзе ѝ се припишува како заслуга добивањето на кандидатскиот статус на Македонија за членство во ЕУ во 2006 година. Во матичната СДСМ, пак, ги помина практично сите степени во хиерархијата достигнувајќи го врвот во истата 2006 година кога дојде на чело на партијата, во продолжение и целосниот профил на Шеќеринска кој го направи новинската агенција Макфакс.

Нејзиното вклучување во политичкиот живот почнува во 1993 година кога е избрана за член на Централниот одбор на СДСМ. Од 1995 е член на претседателството на ЦО на СДСМ и претседател на СДММ, а во 1999 година е избрана за потпретседател на ЦО на СДСМ и за меѓународен секретар на партијата. Во 1997 – 1998 година беше портпарол на СДСМ. Во два мандата од 1999 до 2006 беше потпретседател на Партијата, а на 5 ноември 2006 година на вонреден конгрес е избрана и за претседател. На парламентарните избори во 2008 година СДСМ под нејзино водство беше убедливо поразен од ВМРО-ДПМНЕ, што кај дел од нејзините сопартијци предизвика револт кон неа како најодговорна за неуспехот. Истата година е заменета од Зоран Заев, кој стана ВД претседател на СДСМ и чувар на местото на Бранко Црвенковски. По сите партиски превирања кои ги следеа изборните порази, а кулминираа со повлекувањето на Бранко Црвенковски од кормилото на партијата во 2013 година, Заев дефинитивно ја презеде лидерската позиција, додека Шеќеринска повторно стана потпретседател и негова десна рака. На таа позиција е и денес.

Радмила Шеќеринска беше сведок, учесник и жртва на двата најголеми инциденти во историјата на македонското Собрание. На 24 декември 2012 година, на таканаречениот „црн понеделинк“ пратениците од тогаш опозициската СДСМ беа исфрлени од пленарната сала од страна на собраниското обезбедување. Шеќеринска беше брутално турната, а во меморијата на граѓаните ќе остане снимката на која се гледа како нејзиниот колега Игор Ивановски на раце ја изнесе од салата. Уште повеќе ќе бидат запаметени насилствата од 27 април оваа 2017 година, кога толпа приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ по изборот на Талат Џафери за нов спикер упадна во Собранието и физички ги нападна пратениците на СДСМ. Шеќеринска најпрвин од еден насилник беше удрена по глава со статив од камера, а потоа друг напаѓач ја повлече за косата спуштајќи ја наземи. По ова потпретседателката на СДСМ со сериозни повреди беше пренесена во болница, но брзо заздрави и им се врати на своите политички задолженија.

Таа е дел од малата група на исклучително влијателни жени во македонската политичка историја, позната и по лобирањето за поголема застапеност на понежниот пол на одговорни функции. Се смета дека како резултат на нејзините залагања, СДСМ беше првата голема партија која воведе принцип на квоти за жени во сите свои партиски органи. Дополнително, за време на Владата на СДСМ, Македонија доби напредна законска регулатива со која сите партии беа обврзани да имаат најмалку 30% жени на сите свои изборни листи.

Што се однесува до нејзиното образование, Шеќеринска дипломирала на Електротехничкиот факултет во Скопје во 1995 година, а магистерска титула доби на престижната школа за дипломатија и право „Флечер“ во САД во 2007 година. Неколку години работела како асистент на Електротехничкиот факултет. Автор е на повеќе научни трудови. Во 2005 година ја доби наградата „Глобални лидери на утрешнината“ што ја доделува Светскиот економски форум. Зборува англиски и француски јазик. Сопруга е на познатиот бизнисмен Божидар Јанковски, со кого има ќерка. Д.М

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …