среда , 23 август 2017
kalina kosi

Раскрварено лице и кошула

Одлучив за него некој ред да напишам. За еден политичар и лидер се работи. Досега никој немал толку посебно место во моите постови. Не ги посветувам на политичари. Но тој не е обичен политичар. И за него со задоволство ќе направам исклучок.

Велат грешел. Најверојатно. Сите грешиме. Велат се огрешил од законот. Ако беше така, имајќи предвид дека ѝ е трн во око на власта, до сега затвор ќе лежеше, немаше да го остават на слобода. Верувам дека е така. Се работи за човекот кој единствено имаше храброст да застане јавно и јавно да ја соголи власта и да ги обелодени сите нејзини криминали. Велевме тогаш: Што му е на овој? Има ли памет? Знае ли со кого си има работа? Будала човек! Зборувавме тивко… додека шушкавме по ходници на работа, додека ги шепотевме критиките кон власта пиејќи кафе некаде, додека внимававме некој да не не чуе додека ја озборувавме… Сето тоа го правевме, додека тој гласно зборуваше. Еден од ретките кој беше напаѓан од сите страни. Ја нема секој таа среќа или несреќа. Најпрвин од власта, затоа што ја разоткри во сето нејзино зло, од нејзините поддржувачи исто така. Од своите во целиот овој период беше изложуван на критика. Секој чекор му го следеа, секој збор му го мереа, секоја постапка му ја вагаа. И го осудуваа, не требаше вака, требаше така. И на крај, сите ние останатите, несебично го напаѓавме кога ни зовриваа живците, кога го губевме трпението. Врз него бесот го истуравме, во него вината ја баравме, зошто ни се брзаше, зошто не ни се чекаше, зошто во него потсвесно спасот го гледавме. Ваков третман да добиеш и повторно на нозе да стоиш, да не паднеш, не умее секој. Човекот храбро ги издржа сите напади, сите ветрометини, сите премрежја и не се откажа. Јас да бев ќе се откажев. Кој не би се откажал? Тој. И не само што не се откажа, во меѓувреме и големо дело направи чии придобивки допрва ќе ги чувствуваме. Додека ние мававме по него и со дрва и со камења, дури сега гледам јасно, тој „работел“ на нас. За сето ова време несвесно ни вградуваше вредности кои мислевме дека ни се блиски, а всушност не ни беа. Несвесно не доближуваше и миреше сите… Македонци, Албанци, Роми, Турци, Бошњаци, Срби, Власи. Несвесно денес се сакаме и почитуваме како луѓе и сограѓани пред се, многу повеќе отколку вчера, благодарение на него. Човекот сето ова ни го правел свесно, додека ги примаше и трпеше ударите по грбот кои му доаѓаа од сите нас! Дури сега гледам, дури вчера видов…

Неговото раскрварено лице, раскопчаната кошула со дамки крв додека стоеше во прес центарот во Собранието откако храбро ни ја доближи демократијата со уште еден чекор напред, ќе ги паметам додека сум жива. Треперев додека го гледав нападот врз него и останатите кои крвареа покрај него. Од страв, од згрозеност, од бес. Претпоставувам сите ние. Но она што најмногу ме погоди и ме допре, беше неговиот став. Гордоста со која таму стоеше. Кренатата глава додека крвта му се слеваше низ лицето. Мирот и спокојот кој го демонстрираше со погледот, иако претпоставувам душата му се тресела одвнатре. Пораката која им ја упатуваше со очите, а која јас ја читав некако вака: „Ништо не ми можете… и да ме убиете сега и овде на лице место, душата не можете да ми ја земете!“ Сфатив дури тогаш, колку е голем тој човек во моите очи. Човекот кој непоколебливо, цврсто и машки се соочи со својот непријател, додека овој си шеташе скриен некаде во белиот свет.

Така се сака и брани Македонија. Така се сака сопствениот народ. Така се станува лидер за паметење за чии дела во борбата за демократија и правда ќе говорат генерации после него… Чија слика со раскрварено лице и кошула ќе се вреже длабоко во колективната меморија на овој народ… за никогаш да не се заборави, за никогаш да не се повтори!

Калина Коси

Слични написи

sugareski

Сугарески : Преку ЕУ обезбедени се пари за изградба на експресниот пат делница Дреново-Градско

Со средства од ИПА, во рамки на Секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020 обезбедени се …