сабота , 21 октомври 2017
ratevo-dom-na-kulturata-opshtina-berovo

Ратево не е приклучено на беровскиот водовод

Приклучување на село Ратево во регионалниот систем за снабдување со вода на општина Берово. (Рок: 2014 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Приклучување на селото Ратево на градскиот водовод на Берово вети пред локалните избори во 2013 година Драги Наџински, градоначалник на Општина Берово и во тоа време кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за втор градоначалнички мандат. Тој ова ветување го наведе и на почетокот на својата изборна програма, во списокот на приоритетни проекти за мандатот 2013-2017, како и во делот Комунални работи, односно на 31. страница.

Истражувавме и утврдивме дека досега се обезбедени пари и изработена е проектна документација, но на терен нема конкретни активности  за приклучување на селото Ратево на градскиот водовод на Берово.  Па според методологијата на „Вистиномер“, бидејќи се направени неколку чекори за неговата реализација, сепак,  ветувањето добива оценка делумно исполнето.

Ветувањето за приклучување на Ратево на водоснабдителниот систем на Берово, Наџински го повторува и на прес-конференција пред вториот круг на локалните избори.

Проблемите со водоснабдувањето во Ратево се големи – водата од селскиот водовод е неисправна за употреба, дознаваме од вест на телевизијата „Ирис“ од 28 ноември 2014 година. Се вели дека градоначалникот Наџински на Уставен суд ја дал одлуката на Советот на општина Берово со која се задолжува месната заедница да го исчисти резервоарот и истиот да врши хлорирање на водата. Притоа се вели и дека се веќе обезбедени пари.

Според Наџински, оваа одлука на Советот нема правна издржаност, а населението се остава и понатаму да добива само техничка вода, бидејќи анализите покажуваат дека водата не смее да се користи.

Наџински смета дека оваа одлука на советниците е штетна за околу 800 жители кои живеат во село Ратево. Според него, решението е водоводот на село Ратево да се поврзе со регионалниот водовод за што веќе се обезбедени пари.

Претходно по ова прашање се произнесува и Јован Матеничарски во својство на претседател на Општинската организација на СДСМ во Берово. Матеничарски е и претседател на Советот на општина Берово. Тој реагира на најави за поскапување на водата за жителите на Берово поради проблемите со водоводот во Ратево.

При посетата на тогашниот премиер Никола Груевски на Берово на 17 август 2015 година, се кажува дека веќе е изработена проектна документација за изградба на нов водовод за Ратево.

Во делот на водоводите најави дека веќе е направена проектна документација и во следниот период се очекува почеток на изградба на нов водовод во Ратево, а во моментов се работи и на проектна документација за изградба на нов водовод за село Двориште.

Изработката на проектот е спомената бегло во извештај од прес-конференција на градоначалникот на Берово за реализираното, одржана на 27 август 2015 година. Наџински притоа нагласува дека се работи на проект за водовод во Ратево.

Во обраќање на беровскиот градоначалник за планираното во 2016 година, не наоѓаме конкретна информација за реализација на ова ветување.

Следниот пат кога среќаваме информација околу ветувањето на Наџински за приклучување на селото Ратево, кое е на отприлика 3 километра воздушна линија од градот Берово, на водоснабдителниот систем на Берово е во објава од 5 февруари 2016 година на веб-сајтот на Општина Берово, која е своевидна полемика со претседателот на Советот на општина Берово, Матеничарски. Во објавата се вели дека веќе се обезбедени парите за приклучниот цевковод за Ратево, од Европската инвестициска банка, преку Министерството за транспорт и врски.

Факт е дека средствата за реализација на проектот „Водоснабдување на с.Ратево – Приклучен цевковод од регионалниот водоснабдителен систем во Општина Берово“ се обезбедени уште минатата година опреку Министерството за транспорт и врски од Европска Инвестициона Банка, а и покрај тоа мнозинството на Советот надвор од сите институционални процедури донесе „Одлука“ средства во висина од 1.580 000 денари од ставки кои се програмирани за тековно работење на институцијата ги префрли на ставката – Изградба на систем за водоснабдување на с.Ратево и с.Двориште.

Во информација од 28 јуни годинава, дознаваме дека се очекува работите да почнат во следниот период.

Во текот на оваа година ќе започнат и активнсотите за изградба на водовод во село Ратево…

Но од јуни 2016 година досега на веб-сајтот на општина Берово не е објавена нова информација за активности за приклучување на Ратево на беровскиот водовод. Во буџетот на општина Берово за 2016 година не наидовме на ставка за изведба на цевковод до селото Ратево, туку само за проект за водоснабдување на населба Беровско Езеро (стр. 35).

Пребарувањето на локални и на регионални новински веб-сајтови не донесе до информација дека нешто конкретно е преземено.

Рокот за исполнување на ветувањето (2014 година ) е одамна поминат, но имајќи предвид дека средствата се обезбедени и проектот е направен,  според методологијата на „Вистиномер“ ветувањето на Драги Наџински за „Приклучување на село Ратево во регионалниот систем за снабдување со вода на општина Берово“, го оценуваме како  делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слични написи

ilija jovanoski glasanje

Јованоски: Повикувам на фер,мирни и демократски избори

Кандидатот за градоначалник Илија Јованоски повика на фер, мирни и демократски избори.