недела , 22 октомври 2017
bb

РЕКВИЕМ ЗА ЕДНО ДРУГАРСТВО

Во само една недела двајца од моите ионака ретки другари, касно навечер ми се јавија да ми кажат дека заминуваат од државава. За везден, со надеж дека нема веќе око да им се види овде.

Стегаат заби, не знаат што ги чека таму, а веруваат дека нешто сепак ги чека, наспроти веќе цврстото  убедување  дека овде повеќе не може да се случи  ништо вредно за очекување.

И не најдувам сила да им противам на зборовите, на грутката в грло со која се одвојуваат, двајцата од своите семејства, двајцата од целиот живот кој до сега го изградиле, во оваа преродена надградена и проширена  Македонија, и одат некаде каде ќе започнат одново сечен лепен и монтиран живот.

Напротив, им велам одете и чекајте ме и мене таму некаде,  зашто најголемата бесмисла на останувањето овде е тоа што веќе на сите им поснемува луѓе со кои ќе споделат живот.

Родендени, имиња, слави, свадби ,крштевки, се честитаат преку скајп, заедничките кафиња се пијат преку вајбер со испраќање на фотографии од масата каде секој седи на башка во два сосема различни делови од светот, смеата ја заменија импотентните смајли емотикони, а изразите на лицата – емотивно кастрираните стикери.

Дури и таа ретка комуникација нагло одумира веќе со првото поколение родено во земјата каде ти заминале.

Сте биле ли скоро на испраќање на свој близок во странство? 

Чемер и јад е таа атмосфера на насмевки извадени на мускули за да не се скршите еден пред  друг, за да не си зададете болка поголема од разделбата, неубедливо климајќи со главите додека се бодрите дека тоа е само привремено, а другото се ќе остане исто.

Како ли им е на кампањската армија од оловни војничиња кои живеат во испрдениот розов облак, повторувајќи како навиени дека сме преродени, вработени, дури и превработени,  дека просперитетот и достоинствениот живот ни чука на врата еве веќе со наредната странска инвестиција, со наредната тура (партиски списоци) за вработување, со новата конфекција, такси компанија и нов синџир кладилници, со плати од кои можете да ги платите дури половината сметки, а со мал поволен кредит дури и сите сметки!

Петтата економија во светот, најдобрата во Европа, непозната досега во галаксијата… ама нивната – онаа шизофрената, што ниеден конзилиум на психијатри не може да ја санира.

Знаат ли тие како е сите другари и повеќе од пола роднини да ти се во странство? Ги чуваат ли сите свои во некое пропагандно трло околу нив или сепак, мила им е вистината, но по мил им е сендвичот?  Всушност, осознаени ли се воопшто?!

Единственото вистинско достигнување во оваа држава-полигон, се високите авлии на партиите пред кои стојат постери со ликовите закачени на копја од „нивните“, од портир до професор, од дреар до доктор, од метач до министер.

Затоа што не поделија на наши и нивни, нашите не седат на иста маса на свадба со нивните. Нашите имаат право на вересија во локалната бакалница, а нивните немаат. Нивните ќе чекаат за дрва ако останат откако ќе ги обезбедиме нашите.

Фали уште да се направат списоци колку се иселиле од нашите, а колку од нивните, за да се види кој повеќе ја сака оваа земја насилно ослепена како самуилов војник,  не гледајќи дека сите топтан живееме во оваа држава како на автобуска станица, како на трерминал, чекајќи ја првата наредна линија за… било каде, со карта во еден правец.

За сето тоа време моите и вашите драги се на некое друго, подобро место. Работат, живеат, издигаат фамилии, имаат поглед кон сопствената и иднината на своите поколенија, живеат и празнуваат во нови татковини, кои не ги делат на наши и нивни, туку ги препознава и прифаќа по знаењата, вештините, работливоста, креативноста и амбицијата, баш сите оние епитети кои овде се партиски, а со тоа и државен непријател број 1.

За тоа време нашата преродена, проширена и надградена држава од престоеност почнува да смрди на расипан сторен расол, а нивниот одново сечен лепен и монтиран живот е толку автентичен што е дури поздрав и од оргиналот.

Б.Б.

Колумната е објавена на 10без10

Слични написи

received_10208023772386693

И биднаа безмалку педесет дена од новата Влада!

Колумната ќе ја започнам со една приказна, која оди вака: ,, Бог му заповедал на …