среда , 20 септември 2017
reka

Се излеа Матејачка река во Липково, поплавено земјоделско земјиште и шест помошни објекти

Краткотрајниот пороен дожд, што вчера го зафати поширокиот кумановски регион, предизвика излевање на Матејачка река во општина Липково, која поплави шест помошни објекти и земјоделско земјиште, соопшти денеска раководителот на РЦУК Куманово, Горан Стојановски.

Водата од помошните објекти е повлечена и ситуацијата на терен е стабилна. Стојановски појасни дека станува збор за суводолица која се наоѓа на патниот правец меѓу селата Оризаре и Матејче. Во селото Матејче поради активирање на ова и на другите суводолици кои доаѓаат од планината, информира Стојановски, имаше кракотраен преливен бран кој повеќе поплавил земјоделско земјиште, отколку објекти. Нагласи дека во моментов нема штети во инфраструктурата во тој дел.

– Мора да нагласам дека се работи за човекова негрижа, затоа што тоа не може да биде таква суводолица со мал хидрауличен просек, за да не може да прими и акумулира соодветно количество на вода и се очекува водата да се излее, рече Стојановски.

Тој додаде дека пропусот е мал во однос на прифаливоста на можните количества врнежи и дека тоа во наредниот период мора да се корегира, да се направи поголем пропуст за водата да не се излева по патот. Потсети дека вчера во Кумановско наврнале 18 литри дожд на метар квадратен.

Според него, не постојат шанси за излевање на реките Кумановка, Којнарка, Липковка и Пчиња.

– Не постојат никакви шанси за излевање на водата од речните корита. Во Липковско во овој период се спроведува регулација на речното корито во одреден дел, изјави Стојановски.

Тој потенцира дека речните корита се преработени и чисти, имаат хидрауличен просек, бедеми од двете страни, така што можат да прифатат количества на врнежи. Невремето што вчера го зафати кумановско беше проследено со силни електрични празнења и грмежи.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …