вторник , 26 септември 2017
jagoda sahpaska

Шахпаска: Разрешување на Никола Тодоров поради хаосот во здравството

jagoda sahpaska
Пратеничката група на СДСМ и коалициските партии поднесе барање за разрешување на Никола Тодоров од челната позиција во Министерството за здравство. Бараме одговорност од Никола Тодоров за системските проблеми и целокупниот хаос во здравството што резултира со трагични последици врз граѓаните, врз пациентите, вели Јагода Шахпаска, пратеничка и претседателка на собраниската Комисија за здравство на СДСМ.

За само два дена, две трудници го загубија животот што е недозволиво да се случува во 21 век. Тоа најдиректно покажува дека здравствениот систем во Македонија не функционира.

Несоодветното и нестручно управување со здравствениот систем, со ресурсите, немањето стратегија за развој и инвестициски вложувања го зема најскапиот данок, човечкиот живот.

Факт е дека Никола Тодоров воопшто и не требаше да биде поставен на позицијата министер за здравство. Како директен извршител на политиките на Никола Груевски тој е одговорен што македонското здравство го достигна дното.

Болниците низ државата одамна не го заслужуваат статусот на вистински заштитници на здравјето на граѓаните.

Нема доволен лекарски кадар, нема соодветна опрема, недостасува медицински материјал. Граѓаните се повеќе плаќаат а добиваат сé помалку и сé полоши услуги.

Тодоров треба да замине поради погрешните политики што ги присилија докторите да го напуштаат јавното здравство и да ја напуштаат Македонија. Оние лекари што останале да работат во јавните здравствени институции се преоптеретени, слабо платени и оставени без основни услови за работа.

Гинекологијата е една од најзагрозените гранки. Според достапните информации само 128 гинеколози има во јавното здравство. Македонија, според Еуростат е на врвот на листата со починати новороденчиња во Европа. Во 2013 година, во Македонија починале дури 229 доенчиња!

Електронскиот систем „Мој термин“ создаде нови проблеми. Не само што не се намалија редиците за чекање во клиниките туку се зголемија. Не само што не се растерети терцијалното здравство, туку дополнително се внесе хаос.

Се уште трае инсулинската криза. Изгубена е довербата во системот за вакцинации зашто и овде основен критериум за набавка е најниска цена, а не квалитетот на вакцините.

Уште еден дел од погрешните политики во здравството на Владата на Груевски и Тодоров е недовршен проект за електронска здравствена картичка. Првично замислена како проект кој ќе го плати државата за да на крај го платат граѓаните. 8 милиони евра собрани од граѓаните за ова.
Тодоров мисли само на тендерите. Ама обратно. Најмногу пари се трошат за реклами а најмалку за лекови. Така, граѓаните добиваат ефтини лекови ама скапи реклами.

Поделбата на Клинички центар, воведувањето на двојни директори само дополнително ги влошија состојбите и ги зголемија долговите на јавните здравствени установи.

Секоја година овие долгови растат и на крај од јуни 2015 година изнесуваат неверојатни над 3 милијарди денари или над 51 милион евра, а обврските на Јавните здравствени установи се над 70 милиони евра.

На здравството во Република Македонија му се потребни нови системски решенија.

Наместо министер којшто ќе се занимава со политиканство и популизам, на Македонија и треба министер којшто ќе се зафати со решавање на огромните проблеми во здраството.

Само така ќе спречиме целосен колапс на здравствениот систем и загуба на нови човечки животи.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …