вторник , 26 септември 2017
oftalmologia

Шпански офталмолози на очната клиника извршија витроретинални хириршки интервенции

oftalmologia
На Клиниката за очни болести – Скопје денеска престојуваат двајца реномирани специјалисти-офталмолози од Валенсија, Шпанија, кои работат во одделот за офталмологија во рамките на Фондацијата за развој на здравствените и биомедицински истражувања на заедницата на Валенсија – ФИСАБИО.

– Специјалистите од Валенсија заедно со тимот македонски доктори веќе успешно изведоа две интервенции на Клиниката, а во текот на денот ќе изведат уште дополнителни две. Станува збор за поспецифичен вид на витроретинална хирургија од онаа што досега се врши на Клиниката, која го опфаќа најчувствителниот дел од ретината – центарот за вид, односно хирургија на центарот за јасен вид. Со вршењето на овие интервенции се постигнува значително подобрување на видот кај пациентите. Со помош на техниката видео-снимање на операциите, се врши директно емитување на интервенциите во библиотеката на клиниката, со цел едукација на специјализантите кои имаат можност да ги следат интервенциите, се вели во денешното соопштение од Клиниката.

Министерството за здравство минатата година потпиша Меморандум за соработка со директорот на ФИСАБИО, со кој се опфатени повеќе аспекти на соработка, меѓу кои и можноста експерти од одделот за офталмологија да спроведуваат обуки во Република Македонија.

Станува збор за специјалисти-офталмолози со повеќегодишно искуство во областа, од кои едната докторка е медицински директор на одделот за офталмологија во ФИСАБИО.

Инаку, мрежата на ФИСАБИО во Валенсија опфаќа повеќе од 1500 здравствени работници, меѓу кои и доктори-специјалисти од различни области.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …