вторник , 26 септември 2017
smartphone

СМАРТФОНИТЕ ГИ ЗАМЕНУВААТ ПЛАТЕЖНИТЕ КАРТИЧКИ!?

Живееме во време на иновации, каде што секојдневно се среќаваме со нови работи кои претходно не можевме ниту да ги замислиме.

 

Исто како во сите сфери од секојдневниот живот, така и во банкарството се случуваат битни промени кои во минатото биле незамисливи.

Ако до пред неколку години, долгото чекање на шалтер и плаќање исклучиво со пари во кеш беше неизбежно секојдневие, со секојдневните иновации се менуваше начинот на вршење на банкарските трансакции, воведувајќи платежни картички, електронско банкарство, па се до најновиот начин, со користење на паметен телефон.

Најновите истражувања покажуваат дека за многу брзо време дури и платежните картички нема да се користат со тој интензитет како што се користат во моментов и дека иднината на банкарските трансакции и плаќањето ќе се сведе на користење на паметните телефони.

Неодамна MasterCard направи истражување за влијанието на иновациите врз начинот на плаќање кое покажа дека повеќе од 90% од потрошувачите ги користат своите паметни телефони повеќе од кој било друг уред. Во компанијата преку ова истражување ги испитале ставовите за дигиталната технологија на примерок од 23.000 потрошувачи во 23 различни земји во Европа, Африка и Блискиот Исток. Додека во Африка и на Блискиот Исток повеќе од 70% од испитаниците рекле да се подготвени да плаќаат со својот паметен телефон, жителите на западноевропските земји заостануваат, бидејќи од нив само 38% се подготвени да плаќаат преку својот телефон.

Меѓутоа, на прашањето за најпосакуван нов начин за плаќање потрошувачите во сите региони ги издвоиле своите телефони како алтернатива на платежните картички.

“Нашето истражување, кое го претставивме на форумот за иновација во Будимпешта, потврдува дека не само што постои огромна потреба за нов начин на плаќање туку и потрошувачите во голема мера сакаат да ги користат своите телефони. Многу од нив се подготвени да го направат тоа веднаш. Веќе децении платежните картички се единствена ефикасна и рационална замена за кеш, но потрошувачите сега јасно ставаат до знаење дека сакаат дигитална иновација во сите области на животот” – истакна Ен Кернс, претседателка на секторот на меѓународниот пазар во компанијата MasterCard.

“Претходните години потрошувачите искажуваа негативен или неутрален став спрема дигиталните иновации, но ова истражување покажува дека доаѓа до огромни промени во однесувањето на луѓето. Жителите на различни земји сакаат да имаат животен стил што е во голема мера дигитален и сметаат дека тоа ќе им донесе придобивки во животот. Битно е да слушаме што ни велат потрошувачите за иновациите што би сакале да ги видат, но исто така многу е важно да ја следиме брзината на тие промени” – додава Кернс.

Зголемената употреба на мобилни телефони веќе ги натера и банките во Македонија да почнат да размислуваат за воведување мобилно банкарство. Овој тип банкарство сѐ повеќе се употребува, а на корисниците им овозможува олеснет пристап до банкарските услуги во секое време, без да чекаат ред на шалтерите.

Според Томе Неновски, професорот на Американ колеџ, онлајн-банкарството е составен дел на електронското банкарство, каде што доминираат електронските пари од различни, но растечки видови.

“Глобалното банкарство е насочено кон намалување на трошоците во работењето на банките преку намалување или затворање филијали и сѐ позачестено формирање т.н. виртуелни банки. Со развојот на онлајн-банкарството се намалуваат трошоците на банката, но и на клиентите. Услугите стануваат побрзи, поефикасни и поевтини. А тоа е во интерес на сите што ќе се вклучат во тој систем. Но притоа мора да се биде претпазлив, затоа што е силно дејствувањето на хакерите и на злоупотребите од нивна страна на откриените сметки на клиентите на банките” – објаснува Неновски.

Како што нагласува тој, за развој на онлајн-банкарство е потребна високософистицирана технологија што е многу скапа и не може секој да си дозволи да ја набави. Според него, тоа значи дека во одредени системи како, што се воведување и развивањето на онлајн-банкарството, нема да биде толку динамично како што е во некои од развиените земји, како што сега е случајот во Шведска, Данска, Норвешка.

“Според моите сознанија, бројот на налози за плаќање преку Интернет е сѐ поголем. Тоа особено се однесува на плаќањето сметки за електрична енергија, телефонски трошоци, одредени комунални давачки. Освен тоа, растечки е бројот на банкомати во земјата и на издадени платежни картички, кој во моментов изнесува околу 1.600.000 картички, преку кои граѓаните и некои фирми вршат одредени банкарски трансакции. Кон сето тоа, треба да се додаде и плаќањето на сметки во трговијата и угостителството со користење електронски пари. Таквите трансакции, од ден на ден, се сѐ повеќебројни” – додава Неновски.

Тој смета дека потребата за зголемување на употребата на мобилното банкарство е присутна и во Македонија поради намалени трошоци на клиентите и побрза услуга. Неновски додава дека со зголемена употреба на мобилното банкарство ќе се намалува обемот на сивата економија во земјава.

Во Прокредит банка велат дека имаат 97% автоматизација на сите банкарски процеси.

“Нашите клиенти не чекаат ред во банка и употребуваат електронско банкарство за сите тековни плаќања во земјата и во странство, без разлика на сумата на трансакциите. Споредено со минатата година, кога сме имале 76% автоматизација на плаќањата, заклучно со септември 2016, 97% од плаќањата во Прокредит се остварени преку електронски пат.

Мобилната апликација на банката им овозможува на клиентите да следат изводи на сметка, актуелни понуди и новости за правни и физички лица, да пребаруваат локации на банкомати и слично. Но сѐ уште работиме на имплементација на можноста за плаќања преку мобилна апликација” – истакнуваат од Прокредит банка.

Надлежните од банката велат дека плаќањата на виртуелен ПОС-терминал се употребуваат и од правни и од физички лица.

“Статистички гледано за септември оваа година, 56% од вкупните плаќања на виртуелен ПОС се направени од физички лица, а 44% од бизнис-клиенти. За заштита и сигурност при онлајн-плаќањата, Прокредит креираше наменска интернет-картичка Visa, на која клиентите, и правни и физички лица, може сами да го контролираат салдото во секое време преку своето електронско банкарство” – истакнуваат од Банката.

Од Комерцијална банка потврдуваат дека бројот на трансакции во денари реализирани преку Интернет, и кај правните и кај физичките лица, бележи континуиран пораст во изминатите години.

“Од воведувањето на електронската банка во 2006 година, речиси секоја година има приближен пораст од 25%, како на бројот на корисници-правни субјекти, така и на бројот на реализирани трансакции преку Интернет. Споредено со претходните години, бројот на корисници-физички субјекти бележи приближен пораст од 12%, додека, пак, процентот на реализирани налози по електронски пат бележи пораст од околу 24%” – нагласуваат од Комерцијална банка.

Оттаму истакнуваат дека нема никаква воздржаност кај правните субјекти во однос на висината на износите што се процесираат по електронски пат, додавајќи дека клиентите се увериле дека и електронската банка е доволно сигурна и ефикасна во процесирање на кој било износ на трансакции.

“Сепак, за разлика од правните субјекти, вкупната вредност на електронски реализираните трансакции во денари од физичките субјекти сѐ уште е пониска во однос на вредноста на трансакции реализирани на шалтер. Речиси 50% од вкупниот број активни правни субјекти се корисници на електронската банка и редовно извршуваат трансакции преку Интернет, додека 7% од вкупниот број активни физички корисници на електронската банка и мобилното банкарство ја користат можноста за вршење трансакции” – велат од Банката.

Оттаму додаваат дека услугата на мобилното банкарство како нов, но значаен дел на електронското банкарство во моментот ја користат единствено физички лица.

“Но, важно е да се напомене дека банката континуирано ги следи секојдневните навики и потреби на своите постојни и потенцијални клиенти и работи во насока на проширување на можностите и функционалноста на бесплатната мобилна апликација м-банка. Оттаму, во блиска иднина се очекува и воведување на можноста за користење мобилно банкарство за правни лица” – истакнуваат од Комерцијална.

Тие велат дека процентот на искористеноста на мобилното банкарство од самото воведување на услугата до денес континуирано расте.

“Значителен дел од корисниците апликацијата м-банка ја користи за вршење плаќања, но сепак поголем дел од корисниците врши единствено преглед на состојбата на своите сметки и други информации поврзани со банката” – објаснуваат од Комерцијална.

Како што велат од банката, клиентите ги препознаа предностите што ги нуди интернет-плаќањето, преку заштедата на време, ресурси, пониските надоместоци за налози процесирани преку Интернет.

“Преку користењето на услугата интернет-банка, клиентите добиваат можност за користење широк спектар банкарски услуги од кое било место, во кое било време, 24 часа во денот, независно од работното време на банката. Ние во континуитет ги следиме светските трендови на банкарството и работиме во насока на воведување производи и услуги што ќе го олеснат секојдневното функционирање на клиентите, кои веќе се прифаќаат, но сепак сметаме дека е потребен одреден временски период за целосно да се променат веќе стекнатите навики на клиентите” – истакнуваат од Комерцијална

Слични написи

dragan tevdovski

Македонија ќе добие Стратегија за управување со јавни финансии 2018-2021

Македонија до крајот на годината ќе ја добие првата Стратегија за управување со јавните финансии …