среда , 26 јули 2017
sobraniekamera

Собранието ги избра заменици-министрите во Владата

Собранието на Република Македонија во рамки на петата седница со 62 гласа „за“, „пет“ воздржани и без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ попладнево ги избра замениците министри во Владата на Република Македонија.

За заменик-министер за одбрана е избран Беким Максути, за заменик-министер за внатрешни работи Агим Нухиу, за заменик министер за правда Оливер Ристовски, за заменик министер за надворешни работи Арта Точи, за заменик министер за финансии Ширете Елези, а за заменик министер за економија Кире Наумов.

Власте Димковиќ е нов заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Гоце Чакаровски за здравство, Висар Гани за образование и наука, Елми Азири за труд и социјална политика, Дејан Павлески за локална самоуправа, Владимир Лазовски за култура, Александар Бајдевски за информатичко општество и администрација, Ремзи Мехмеди за транспорт и врски, а Јани Макрадули е заменик – министер во ресорот животна средина и просторно планирање.

И во попладневната дебата пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараа одговори од премиерот Зоран Заев за она што било договорено на средбите во Софија, а се дебатираше и за дел од предлозите за заменици-министри во Владата.

Пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ ја оцени како многу незгодна изјавата на Заев за менување на учебниците по историја дадена во Софија.

– Сакам да напоменам како критика или како совет дека вашата изјава за менување на учебниците по историја е многу незгодна изјава која што отвора големи дилеми меѓу граѓаните и во меѓудржавните односи. Дали тоа значи дека ние ќе ја менуваме нашата историја. Вистина ние имаме заедничка историја не само со нив со сите наши заеднички соседи меѓутоа многу е незгодно и неубаво ако е сосед кој не ти го признава името, не ти го признава народот, јазикот, а ние ги каниме да чествуваме заедно ревцолуционерен патриотски или национален празник Илинден, рече Илиоски.

Пратеникот исто така побара, како што кажа, јасен и дециден одговор од предложената заменичка министерка за надворешни работа Арта Точи за тоа дали стои на ставовите искажани во нејзините трудови и дали го смени мислењето дека дел од теријаторијата на Македонија и припаѓа на некоја друга држава. Побара, како и повеќе други пратеници од опозцијата, актуелната Влада да ги заврши започнатите проектите од ВМРО-ДПМНЕ особено експресните патишта.

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на дебатата на Илиоски рече дека договорот за добрососедство со Бугарија ќе биде потпишан во три јазични верзии и тоа на англиски, македонски и бугарски јазик.

– Ако биде договорен, ќе биде потпишан и на нашиот официјален македонски јазик и ќе стои потписот на премиерот на Бугарија. Тоа е важна работа за Македонија, тоа е признавање на нашиот јазик, истакна премиерот Заев.

Бугарија, посочи премиерот, е првата земја што ја призна Република Македонија под уставото име. – Јас очекувам преку овој договор за којшто претходната власт правеше искрени напори и видов до каде се стигнати, а за што немав никогаш информации како шеф на опозицијата. Видов дека се стигнати во сериозна фаза и тоа го поздравувам. Требаше веќе да го завршиме, ги знам и разговорите и на поранешното раководство на Владата на РМ, информиран сум процедурално онака како што личи, за се. Бугарија преку овој договор сака искрено да ги тргне тегобите коишто постоеле помеѓу два соседа за да ја поддржи Македонија на својот пат кон ЕУ, рече Заев.

Нагласи дека од императивно значење е напредокот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

– Бугарија ја признава нашата посебност и нема проблем со тоа, но истовремено не може да кажеме дека немаме дел од заедничка историја на Балканот овде, во Европа или слично. Да не прејудицираме нешто што би било поприлично незгодно по вакви прашања коишто се од заеднички интерес за стратешките определби зад коишто сите стоиме, а тоа се ЕУ и НАТО. Затоа да бидеме навистина внимателни, истакна претседателот на македонската Влада.

Во делот на учебниците, Заев рече дека за тоа ќе треба да се изјаснат експертите. – Ние политичарите, дајте да обезбедиме амбиент да градиме пријателство. Градејќи пријателство на оваа наша земја и требаат соседите и повеќе пријатели. Во тој дух и се обраќам да информирам дека ние можеби и ќе немаме договор. Никој не може да каже дека ќе постигнеме договор. Јас сум среќен што направивме уште еден чекор после повеќе успеши чекори коишто пред мене и пред оваа влада биле направени, рече премиерот од говорницата во Собранието.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека предлогот на заменици – министри е политички, но оти опозицијата бара тие да се грижат за граѓаните и да нема политички реваншизам. Обвини за лицемерие и двојни аршини. Побара одговор од Заев за предлозите за заменици министри за економија Кире Наумов, кој според неа и направил финансиска штета на Македонија, и за здравство Гоце Чакаровски, чија сопруга е дел од случајот на СЈО „Транспортер“ со 21 обвинет.

– Сите други се карактеризирани за криминалци без пресуда, дали тоа значи и за неговата сопруга, праша Кузмановска.

Посочи и на предлогот за заменик министер за надворешни работи Арта Точи и праша дали таа ќе може да ги штити интересите на Република Македонија. И таа зборуваше за посетата на Заев на Бугарија.

По обраќањето на Кузмановска, премиерот Заев повторно зборуваше за разговорите во Софија, но и за причините за предлозите на некои од замениците министри.

– Посетата на премиерот на Бугарија на Илинден овде ќе биде почит кон нашиот празник.Тие не го слават Илинден, но датумот е избран, меѓу другото, да ја потврдиме и нашата посебност во историјата. Ние, да, во некои периоди имаме заедничка историја, во некои периоди, знаат и врапчињата, дека имаме посебна историја. Дајте да ги отвориме перспективите на нашиот народ не навлегувајќи во национализми коишто не ви се потребни. Истовремено тој ќе се поклони пред споменик којшто мојот народ македонскиот народ го одбележува овде. Зарем не каниме гости понекогаш од страна и дома кога ни е национален празник. Зошто да ги гледаме работите низ оваа негативна призма, да ги гледаме низ позитивната призма, истакна Заев.

Сакал, додаде тој, како лидер да ги ослободи предрасудите кога повикал да се тргнат сите омрази, сите национализми и сите делби коишто постоеле за регионот да има перспективи. – Не посочив дали од наша или од нивна страна. Посочив да гледаме напред кон перспективите, рече премиерот.

За забелешките за предлогот Кире Наумов, да биде заменик-министер за економија, рече дека предвид ја зел неговата активност во периодот кога тој бил технички заменик-министер.

– Целта беше да ја заузда алчноста за пари и кредити на Владата во време на техничко извршување на власта. Ние бевме на став да се земат кредити и обврзници толку колку што доспеваат долговите да се вратат, а не една милијарда и не толку колку што треба да има за трошење што нас не плашеше дека ќе бидат нови купувања на гласови. И тие ставови беа многу легитимни јавно и траспарентно соопштени, рече Заев.

За сопругата на Гоце Чакаровски, рече дека не ги знае правните формулации, но посочи дека законот мора да важи еднакво за сите.

– Кој и да го отворил процесот секако презумцијата на невиност ја потврдувам и треба да важи за секој. Некој ако е виновен тоа Судот ќе одлучи. Јас знам заради тоа што ми е еден од првите соработници дека неговата сопруга поради овие причини ја има напуштено уште во 2011 таа компанија за превоз оти не се согласувала. Но јас не сум ни обвинител. Доктор Чакароски е докажан лекар и во Битола и признат од сите. Има прекрасна професија. Мотивиран е да работи за државата како многу, како сите други заменици-министри коишто денеска овде ги предлагаме, посочи Заев.

Побара од пратениците да им дадат шанса на замениците министри заради тоа што, како што кажа, влегуваат со љубов, со мотивација да и служат на својата земја и на својот народ.

– Јас истото тоа ќе го кажам и за предложената заменичка министерка Арта Точи. Со љубов и желба влегува да и служи на својата земја и на граѓаните на РМ, рече Заев.

Премиерот одговори на низа забелешки и прашања што ги изнесе и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков.

Посочи дека по проверка од страна на стручните служби и решавање на формално-правните работи веднаш ќе продолжи изградбата на автопатиштата.

– Експресните патишта коишто вие ги планиравте ние ќе ги изградиме и тоа е добро. Точно и јас патувам по тие патишта во Источна Македонија и немам проблеми, рече тој.

На средбите во Софија, како што кажа Заев, се зборувало и за лобирање на Бугарија за Коридорот 8. – Очекуваме да завршат во следните десетина дена и да добиеме конечно ослободување на 110 милиои евра, пари грант од ИПА фондови за Коридорот 8, за пругата, за патишта коишто го отвораат истокот со западот. Досега беа развивани само северот и југот и истовремено договоривме конечно да го отвориме преминот Клепало кај Берово којшто секако е отпочната иницијатива, таму постои граничен премин. Важно е тоа не само за Берово, за Пехчево, за Штип и за Струмица, за целиот овој регион, рече Заев.

Во однос на укинувањето на диспензираните студии рече дека тоа е направено на барање на универзитетите – Универзитетите финансиски ги загрозуваме кога финансираат наставици, патишта, патување и слично за двајца, тројца или пет студенти, рече премиерот.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуроска рече како може да ја свати посетата на Заев на Бугарија кога тој кажува дека треба да се менуваат некои учебници по историја. – Направивте ред гафови кои ги иритираат македонските граѓани и од таму е мојата иронија, рече Затуроска.

Заев, пак, кажа дека тој стои подеднакво позади секој министер и секој заменик-министер и оти 90 отсто од овие луѓе првпат се кандидати за некоја функција.

– Потезите коишто ги влече новата Влада и одлуките коишто ги носи се апсолутно во заштита на нашиот идентитет, нашата национална посебност како граѓанско општество, граѓаните од сите етнички заедници, но истовремено отворање перспективи за истите граѓани. Не може државата да биде скарана со сите пет соседи. Мора да ги отвориме перспективите на граѓаните. Затоа редно е да се дава шанса, зборуваме за кандидати, смета Заев.

Собранието на Република Македонија во рамки на петата седница го усвои заклучокот со кој поради неуредност се отфрла граѓанската иницијатива поднесена од 217 граѓани за измена на Законот за работни односи, со која се бара продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа од салата за време на гласањето.

Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ по гласањето побара да се провери дали во салата имало 61 пратеник и дали координаторот на ДУИ Ејуп Алими бил во салата кога се гласало или не бидејќи бил виден дека влегува таму по изјаснувањето за точката од дневниот ред.

Претседателот на Парламентот Талат Џафери рече дека пред да се гласа за заклучокот во салата имало мнозинство односно 61 пратеник и оти тоа било потврдено од собраниските служби. – Во режија има снимка, а има и стенограм, рече Џафери. Службите, како што кажа, од десната страна утврдило дека има 12 пратеници со него заедно, и во средниот ред 42.

Дваесетина минути пред завршувањето на седницата Димовски во процедурална забелешка кажа дека се уште не ја добиле снимката од гласањето за граѓанската иницијатива и оти тоа е многу битно бидејќи ова парламентарно мнозинство е вештачки наметнато без изборна победа.

– Ова парламентарно мнозиство од едвај 62 пратеници навистина ќе мора да ја прифати обврската да го обезбедува мнозинството. Ние сосема коректно и конструктивно учествуваме во дискусијата за изборот на замениците министри, рече Димовски.

Посочи на конструктивноста на опозицијата и учеството на гласањето за изборот на Влада.

– Капацитетот, потенцијалот и сериозноста на оваа Влада за нас не е на доволно ниво. Напротив сметаме дека оваа Влада е вештачки составена без изборна победа и затоа во овој момент денеска одлучивме да излеземе од салата да не учествуваме само во моментот на гласање за да пратиме една политичка порака дека ова мало парламентарно мнозинство вештачки составено од 62 пратеници ја носи целокупната одговорност за постапките во ова Собрание. Во моментот кога големите најави за конструктивен период за дебата за дискусија за предвремени консултации со опозицијата ќе станат реалност тогаш ќе разговараме поинаку, рече Димовски.

Ова според него е едно мало укажување и опомена до сите оние кои заборавија на сите ветувања во изминатите дваесетина дена од постоењето на оваа Влада и два месеци од владејчкото мнозинство во Парламентот.

Џафери одговори дека веќе е даден налог до службите за видео и аудио снимката од гласањето и оти седницата се уште не е завршена бидејќи треба да се расправа за уште неколку точки.

Продолжението на петата седница ќе биде дополнително закажано.

Слични написи

image-0-02-05-24287f281545733e143196a6dc667acc32ba038649d55d7ed1db03937039a43d-V

Едночасовен застој кај Удово, возилата пренасочени кон Јосифово

Околу еден час има застој на патот Удово-Марвинци. Големата колона на возила од Удово се …