недела , 20 август 2017
Jovo-Vangelovski (1)

Советот на Врховниот суд што го ослободи Кочан треба да одлучува за притворите на Грујовски, Јакимовски и на Бошковски

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и уште четворица судии треба да одлучуваат по жалбите на Горан Грујовски, Тони Јакимовски и на Никола Бошковски, обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), на кои Апелацискиот суд Скопје вчера им одреди мерка притвор.

Апелацискиот суд вчера соопшти дека ги прифатил жалбите на СЈО и донел одлука да ги преиначи претходните решенија на Основниот суд Скопје 1, па на тројцата обвинети наместо мерки за претпазливост им одреди притвор, оценувајќи ги како основани наводите на СЈО дека кај Грујовски, Јакимовски и Бошковски постои опасност од бегство.

Во решенијата на второстепениот суд, сепак, е наведено дека Грујовски (поранешниот началник на петтата управа), Јакимовски (поранешниот шеф на кабинет на Сашо Мијалков) и Бошковски (вработен во УБК), имаат право на жалби на одлуките за притвор до Врховниот суд, кои треба да ги поднесат во рок од 24 часа откако ќе ги добијат решенијата од Апелација.

Како што појаснуваат од Апелацискиот суд, додека Врховниот суд не се произнесе за одлуката, тројцата обвинети нема да одат во притвор.

Засега нема потврда од одбраната на тројцата обвинети дека ќе поднесат жалби, но извесно е дека ќе ја искористат можноста да ги обжалат одлуките за притвор.

По жалбите треба да одлучува Кривичниот совет на Врховниот суд, чиј претседател е Вангеловски. Инаку, покрај него, членови на одделот за казниви дела на Врховниот суд се и судиите Ристе Катевеновски, Фаик Арслани, Џемали Саити и судијката Рахилка Стојковска.

Овој состав на Кривичниот совет на Врховниот суд во мај годинава, на тајна седница (немаше известување до медиумите), постапувајќи по барањето на Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина решенијата на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје со кои му беше одреден притвор на бизнисменот Сеад Кочан. Објаснувањето на претседателот на Врховниот суд, Вангеловски, беше дека решенијата се укинати бидејќи СЈО не дало докази за да му биде одреден притвор на Кочан.

Дел од медиумите во текот на април годинава пишуваа дека Вангеловски трипати го менувал составот на Кривичниот совет за тој да обезбеди противтежа на одлуките што би произлегле од „непријатните барања и случаи“ на Специјалното јавно обвинителство.

Слични написи

Hristijan-Kostov

Костов: Болницата „8 Септември“ има долг од пет милиони евра

Градската општа болница „8 Септември“ има долг од 5 милиони евра или околу 243 милиони …