вторник , 26 септември 2017
Sovet-na-javni-obviniteli

Специјалното обвинителство во маѓепсан политички круг

Sovet-na-javni-obviniteliСпецијалното јавно обвинителство и Катица Јанева, иако беа инаугурирани од Собранието пред повеќе од четириесетина сена, сè уште не можат да почнат со работа поради спорот околу бројот на обвинители, а нема официјални информации ниту дали Јанева ги добила бараните финансии за работа од Владата.

Во моментов спорот меѓу Советот на обвинители и Катица Јанева е статус кво. Решението, ако се види редоследот на настаните, зависи од епилогот на преговорите меѓу политичките партии, кој, исто така, е заглавен.

Во средата минатата недела (14 октомври), Советот на јавни обвинители по тричасовна расправа одлучи наместо бараните 14, на Јанева да ѝ додели седум помошници-обвинители.

Јанева реагираше дека со одлуката Советот го прекршил законот за специјалното обвинителство и најави дека ќе продолжи да бара да ѝ се одобри целиот тим.

Партиите потписнички на Договорот од Пржино се договорија преку министерот за правда, Аднан Јашари, да испратат писмо до Советот, во кое бараат да бидат избрани и останатите седум обвинители.

На почетокот на минатата недела, Советот ѝ го достави писмото на специјалната обвинителка, која речиси истиот ден на Советот на јавни обвинители му прати барање со листа на обвинителите што сака да ги види во својот тим.

Претседателот на Советот, Петар Аневски, на 21 октомври соопшти дека барањето на Јанева воопшто не било ставено на дневен ред на седницата, бидејќи таа ги навела истите имиња за кои еднаш веќе било расправано и дека „со оглед на бројот на предметите, Советот смета дека на специјалната обвинителка во моментот не ѝ се потребни повеќе обвинители“.

Во врска со писмото од четирите партии, Аневски рече дека „Советот е независна институција и нема теорија да работи по политички препораки“.

Oд кабинетот на Јанева сè уште нема реакција за последната одлука на Советот.

Во меѓувреме, измина рокот (19 октомври) до кога Владата требаше да одлучи по општиот работен, персонален и финансов план и да ја одобри сумата од повеќе од еден милион евра што Јанева ја бара за работа на обвинителството.

Истото се однесува и на просториите за работа на специјалното обвинителство, работа што Министерството за правда требаше да ја заврши до 19 октомври.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …