вторник , 26 септември 2017
Споменик

Споменикот на Крал Марко – дивоградба?

 

Споменик
Пишува:
Зоран Милошески

Советот на Општина Прилеп на седницата одржана на 27.02.2015 година донесе Одлука за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен обележје на Крал Марко во рамките на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“. Меѓутоа уште неизграден, споменикот покрена дилеми поврзани со неговата легалност.

Имено, прашањата поврзани со одбележувањето на значајни настани и истакнати личности со меморијални споменици и спомен-обележја, условите и постапката за нивно подигање, субјектите одговорни за нивното подигање, заштита, чување и регистрите за нивна евиденција, уредени се со Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата.   

Согласно член 25 од Законот, одобрение за градење на меморијален споменик и спомен-обележје издава надлежниот орган, согласно закон.

Истиот член од Законот вели дека одобрение за градење не смее да се издаде ако меморијалниот споменик, односно спомен-обележјето, не се содржани во Програмата за одбележување значајни настани и истакнати личности со меморијални споменици или спомен обележја кои ги носат Собранието на РМ, Советот на Град Скопје или Советот на општините.

Токму фактот дека Општина Прилеп сѐ до денеска нема донесено Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја, беше причина адвокатот Жарко Стеваноски да поднесе пријава до Инспекторатот, односно до Одделението за комунална, урбанистичка, градежна и сообраќајна инспекција при локалната самоуправа на Општина Прилеп.

„Со оглед на тоа што Општина Прилеп нема донесено таква Програма, тогаш, согласно член 25 од Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата, не може да постои одобрение за градење на споменик на Крал Марко. Од тие причини од градежните инспектори во локалната самоуправа побарав да извршат инспекциски надзор над изградбата на ова спомен обележје. Врз основа на тоа очекувам да биде донесен соодветен акт со кој ќе се спречи неговата изградба, а против одговорните лица да биде поведена постапка пред Основното јавно обвинителство за кривично дело „бесправно градење“, според чл.244-а од Кривичниот законик (КЗ) на РМ“, вели адвокатот Стеваноски.

Според информациите до кои дојдовме, ЕЛС Општина Прилеп на фирмата која го доби тендерот за изградба на спомен-обележјето на Крал Марко, „Крин КГ“, ѝ издала одобрение за градење. Од тој аспект, кај изведувачот на работите не постои законска пречка за вршење на градежните работи.

Меѓутоа, прашањето на кое во следните денови РеволуционерМк ќе бара одговор, е кое е официјалното лице од прилепската локална самоуправа кое го издало одобрението за градење, и покрај тоа што во недостиг на Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја донесена од Советот на Општина Прилеп, не смеело тоа да го направи.

Ставовите 1 и 4 од чл.244-а од КЗ кој се однесува на бесправното градење, се прилично јасни и децидни кога е во прашање градењето без, односно спротивно на одобрението за градба:

(1) Тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години;

(4) Службено лице во локална самоуправа или во орган на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот кое ќе донесе решение за локациски услови спротивно на важечки урбанистички план, ќе издаде одобрение за градење спротивно на решението за локациски услови и стори нарушување на планираниот простор, со што за себе или за друг прибави противправна имотна корист или на друг му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три до осум години.

Доколку инспекциските служби од прилепската локална самоуправа не постапат по поднесената пријава, адвокатот Стеваноски најави поведување постапка и против инспекторите кои го вршеле предметниот надзор.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …