вторник , 26 септември 2017
132830522

Средба Груевски – Бан Ки Мун во Њујорк

132830522
Премиерот Никола Груевски вчера во Њујорк имаше средба со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, на која било разговарано за активностите на Република Македонија во ОН, соработката во остварувањето на поставените цели, процесот на разговори помеѓу Република Македонија и Република Грција за изнаоѓање заемно прифатливо решение на наметнатиот спор помеѓу двете земји и за предизвиците во врска со мигрантите.

Како што соопшти Владиниот Сектор за односи со јавноста, Груевски истакнал дека Република Македонија во целост ги поддржува поставените цели на Обединетите нации и дава активен придонес во нивната реализација преку проекти на домашно ниво и преку нивна поддршка на мултилатерално ниво.

Груевски го информирал генералниот секретар за реформите кои ги спроведува нашата земја за унапредување на стандардите во сите општествени сфери, како и за номинацијата на Република Македонија за кандидат за следен генерален секретар на Обединетите нации.

– Во однос на процесот на изнаоѓање решение за наметнатиот спор од Република Грција, премиерот Груевски истакна дека е потребно да се зголеми интензитетот со што би се надминал застојот и што би водело кон поголеми можности за изнаоѓање решение, додавајќи дека Република Македонија посветено и одговорно се однесува кон ова прашање, соопшти Секторот на Владата за односи со јавноста.

Генералниот секретар Бан Ки Мун изразил позитивна оценка за придонесот на Република Македонија во реализацијата на целите на Обединетите нации.

Во однос на предизвиците со мигрантите било истакнато дека е потребен координиран пристап на меѓународната заедница со цел надминување на сите предизвици поврзани со оваа тема.

Двајцата соговорници размениле мислења и околу останати теми кои се значајни за меѓусебната соработка и мултилатералните прашања.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …