среда , 18 октомври 2017
komora-3

Сто евра чини животот на еден работник

Целосен хаос владее во областа безбедност и здравје при работа. Законските измени правени изминатите шест години ја оддалечија дејноста од стандардите на ЕУ. Сè е сведено на на формално исполнување на обврските, но резултатите се погубни за работниците, тврдат од Групацијата за безбедност и здравје при работа при Стопанската комора. Само 100 евра е цената не животот на еден работник, ако се гледа колку работодавецот треба да плати за формална примена на Законот за безбедност и здравје при работа.

Бараат промена на концептот за безбедност и здравје при работа, усогласување на проблематиката со законите на САД, Велика Британија и со носечките земји во Европската унија, промена на подзаконските акти кои се недоречени, несеопфатни и наместа конфузни и носење на нови за областите кои не се целосно опфатени, координација меѓу министерствата за да се надмине преклопување на обврските како и вклучување на фирмите кои се занимаваат со оваа дејност во изготвувањето на измените.

Според првите луѓе на оваа Групација, проблемот е во тоа што Законот за безбедност и здравје при работа десет пати е променет.

– За шест години далеку сме од она што беше првиот текст на Законот од 2007 година. Законот е изменет 10 пати и создаде целосна конфузија во примената.Стандардите веќе ги нема, а нивната примена е формалност. Работниците пак се недоволно информирани за нивните права – изјави на денешната прес-конференција претседателот на групацијата, Сашо Стојмановски.

Сето тоа, како што рече, директно се одразува на работниците.

– Ако една од целите на Законот е заштита на вработените и намалување на бројот на несреќи на работа, а со тоа бројот на повредини вработени или изгубени животи, тогаш оваа цел не е постигната. Бројот на смртни случаи и повреди на работно место од година во година се во пораст, а тоа е резултат на нефункционалноста и непримената на стандардите за безбедност и здравје при работа – вели Стојмановски.

Според него, 100 евра е цената не животот на еден работник, ако се гледа колку работодавецот треба да плати за формална примена на Законот за безбедност и здравје при работа.

– Обуката на работник за безбедност при работа е 5 евра, неговата изјава чини 45 евра, мерење на физички, хемиски и биолошки штетности, проценка на ризици, испитување на опрема за работа чини до 10 евра, мерењето на бучавата од 5 до 10 евра… – појасни Стојмановски

Посебен проблем, велат од Групацијата, се лиценците и обуките на стручните лица кои треба да ги применат стандардите.

– Моментално нема „с“ од стручни кадри во областа. Постојат само 55 лиценцирани стручни лица, а тие трошат само 14 часа во една фирма. Инспекторите пак, на трудот при контрола на проблематиката во фирмите трошат само 180 минути – посочува Стојмановски.

Од Групацијата во која члениваат 40 фирми кои се занимаваат со дејноста, очекуваат политичките партии сега пред избори да го разгледаат и овој проблем и да понудат решенија кои ќе дадат резултати во практика.

Слични написи

moneti

НБРМ пушти во оптек нови ковани пари за колекционерски цели

Народната банка информира дека се пуштени во оптек кованите пари за колекционерски цели „Година на …