вторник , 24 октомври 2017
stocari

Сточарите бараат подолгорочни концесии за пасиштата

Одгледувачите на овци бараат државата да ги дава пасиштата под концесија на 20 – 30 години, а не како сега, да потпишуваат договори за користење секоја или секоја втора година.Поради неизвесноста дали следната година ќе потпишат договор за одредено пасиште, не можат ниту сакаат да инвестираат во изградба на штали и други капацитети неопходни за чување на добитокот и за сместување на овчарите. Сточарите се жалат и на лошата инфраструктура, најмногу на немањето или непристапноста на патиштата до пасиштата.

– Бараме државата да ни даде договор за концесија до 30 години за да можеме да инвестираме. Никој не сака да инвестира кога не е сигурен колку и дали ќе седи во некое бачило или наместо него ќе дојде некој друг. Затоа бараме од државата да ни ги дава под концесија макар на 20 или 15 години, ако не 30, а не како сега, да потпишуваме договори секоја година, истакнува Скендер Аме, претседател на Здружението на одгледувачи на овци „Даши“ од Дебар, производител на традиционалното дебарско бело овчо сирење и сопственик на 700 овци.

Аме додава дека пред четири години пасиштата се даваа под концесија на подолго време, но потоа тој закон се укина, а не се донесе нов. Уште се работи на него.

Директорот на јавното претпријатие за стопанисување со пасиштата, Љуљзим Фејзулаи, информира дека законот е во финална фаза и треба да биде донесен до крајот на годинава.

– До крајот на годината треба да се донесе новиот закон за пасишта, но сакаме да биде применлив и прифатлив од фармерите, тие да имаат бенефит од него. Со законот е предвидено пасиштата да се даваат под концесија 15 години и под точно определени критериуми, изјави Фејзулаи.

Најпрво ЈП за стопанисување со пасиштата препорачало концесијата да биде на 25 години, но претходната влада во консултација со Министерството за земјоделство проценила дека и 15 години се многу.

– Може да се смени предлог-решението за давање под концесија на 15 години, како што предвидуваме со првичната верзија на новиот закон. Тој сè уште не е готов. Токму затоа и ќе имаме јавна дебата со директните корисници на пасиштата – фармерите, кооперативите, експертите. Ако се утврди дека е добро да се даваат на подолго време, така и ќе биде, потенцира Фејзулаи. Воедно најави изготвување регистар на пасишта.

– Македонија не знае со колку точно пасишта располага. Реална слика нема. Статистика имаме, но таа на терен не излегува исто зашто многу пасишта се узурпирани и на тоа мора да се стави крај. Исто така, многу пасишта се конвертирани, пренаменети, додека други се шуми, а во катастар се водат како пасишта, посочи директорот.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …