вторник , 24 октомври 2017
alkohol

Стопанска комора бара да се укине забраната за продажба на алкохол по 21 час

Да се укине забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот зашто во изминатите девет години откако е донесена, не само што не ги постигна саканите резултати, туку предизвика и дополнителна штета, пред се кај консументите, а потоа и кај домашната индустрија и државата, апелира Стопанската комора на Македонија.

Ваквото барање преточено во Иницијатива за измена на Законот за трговија, Комората денеска ќе го достави до Министерството за економија.
Комората бара и укинување на давачката од 0,05 отсто за продолжување на лиценцата за продажба на алкохол кај трговците со над три продажни објекти, зашто, како што нагласи оперативниот директор Елена Милевска Штрбевска, се однесува на вкупниот промет, а не само на прометот на алкохолните пијалаци. Со давачката, додаде Милевска Штрбевска, оваа категорија трговци се доведени во нерамноправна положба во однос на останатите субјекти на пазарот.
– Воведувањето на забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот беше да се намали неговата консумација, особено кај младите. Но, напротив, во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен лани, се констатира дека консумацијата не е само појава кај возрасните, туку и кај младите чиј број од ден на ден станува се поголем. Од ова произлегува дека единствена ефикасна мерка за намалување на достапноста на алкохолот кај младите е доследната и ригорозна примена на законските одредби за забрана на продажба и точење на алкохол на лица под 18 години, а не „прохибиција“ за сите, потенцира директорката.
Дополнително, рече, изминатите девет години од примената на оваа рестриктивна законска регулатива, не се понудени никакви емпириски докази дека таа остварила какво било влијание врз евентуално намалување на алкохолизмот во Република Македонија.
– Затоа останува фактот дека и без овие мерки на ограничување на продажба на алкохол во трговијата, Македонија има далеку пониска стапка на консумација на алкохол по глава жител во овој дел од светот, ако се има предвид дека просечната потрошувачка на алкохол по глава на жител во 2015 година во Република Македонија изнесувала 5,7 литри што е значително помалку од европскиот просек од околу 10 литри по глава на жител, истакна Милевска Штрбевска.
Според неа, ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа директно ги стимулираше производството и трговијата „на црно“ што нанесе директна штета на консументите, бидејќи нема контрола на квалитетот на алкохолните пијалаци, државата, поради загуба од неплатени даноци и акцизи, како и домашната индустрија за пијалаци и легалните трговци кои мора да плаќаат огромни давачки, а се соочени со намалување на прометот. Со воведувањето, пак, на лиценците за продажба на алкохол, над 5.500 трговски објекти во земјата од вкупно околу 13.000, се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намалил нивниот промет.
Македонија има мала потрошувачка по глава на жител во Европа од околу 10 литри вино и под 30 литри пиво. Според Светската здравствена организација, од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци, во Македонија најмногу се консумира пиво (47,4 отсто од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци), вино (39,9 отсто), а на останатите пијалаци отпаѓа 12,6 проценти од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци.
– За споредба, во Бугарија, Словенија и Хрватска потрошувачката на пиво се движи и до 75 литри по глава на жител, додека потрошувачката на вино е околу 25 литри со што далеку се надминува домашниот просек. Притоа, иако Македонија се декларира како винска земја, согласно статистичките податоци консумира само 9-10 отсто од вкупното производство на вино, укажа директорката.
Просечната консумација на пиво во Македонија се движи под 30 литри по жител годишно, додека во Србија таа количина е околу 65 литри, а во Хрватска и Бугарија изнесува над 75 литри. Согласно овој параметар, како што предочи Милевска Штрбевска, ние сме многу далеку од Германија каде годишно се пие по околу 120 литри пиво и Чешка каде се консумираат близу 160 литри пиво по жител годишно, а во ниту една од овие земји или  во останатите членки на ЕУ, не постојат законски ограничувања за продажбата на алкохолни пијалаци како овие во Македонија. Исто така, многу од европските држави воопшто не предвидуваат обврска за поседување посебни лиценци за продажба на алкохолни пијалаци или  какви било ограничувања во однос на работните часови за продажба.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …