петок , 22 септември 2017
kalina kosi

Темели

Не можам, просто не можам да го прифатам оправдувањето на дел од вработените во Филхармонија дека отворањето на објектот за нив било свечен настан зошто дотогаш работеле во мизерни услови, т.е. заслужиле. Свесни ли сте дека од ваши пари зеле за да потрошат (читај да си стават во џеб) 40 милиони евра за тоа место што едвам сте го чекале, кое лично не сум го видела, ама најверојатно е исто толкав шкарт како и МНТ?

Замислете долгогодишен бездомник облечен во партали кој трпел, трпел и трпел, цело време, сите тие години бил прескокнуван, ни корка леб не му потфрлале, го оставиле да мизерува, мизеријата во коски да му влезе. И одеднаш се појавува некој фраер (читај пастир) на кој му текнало да му облече одело и лаковани кондури на бездомников за да може со него да се слика и да се прикажува како најголем добротвор. Оделово и кондурите наместо 100 евра, ги фактурирал 100.000 евра, разликата си ја ставил во џеб. А бездомникот, туку така ги фрла сите години на мизерија во вода, ги заборава во секунда, му аплаудира на типов, рацете му ги бацува и му вика фала, фала, што конечно се одважил да го облече?! Тоа вие го правите! Не само вработените во Филхармонија, туку и сите останати кои оправдувате вакви луди, ненормални, забегани проекти кои коштаат ѓаол и пол!!! Јас немав, мизерував, заслужив, па сега дај шта даш, па макар ме соголил до коска од крадење?

Ми ја разбирате ли поентата? Подобри услови за работа за сите, ДА! Ама не на ваков начин! Не ги извадил парите забеганиот од сопствен приватен џеб, нити се на мајка му, па да му се клањате така! Тоа се наши пари, наши, одвоени од устата на нашите деца и злоупотребени! Нема тука простор за радост, нималку, ни тронка! Нормален човек не му се радува на ништо што е украдено! Напротив, одбивно му е, одвратно, гадно! Така ми е мене секогаш кога ќе влезам во МНТ, кога ќе го погледнам тој кичерај внатре и кога ќе се сетам колку многу наши пари за обичен кич завршија во туѓи џебови, наместо во нашите… Во џебот на мајката на Тамара на пример, и во џебовите на многу други мајки кои се молеа за денар плус за лекување на нивните дечиња, сега веќе ангелчиња на небото за кои никогаш немаше доволно, само за да им бидат полни џебовите на оние бездушници на кои им ракоплескате и за кои свирите! Зграда ви дале, објект нов? Што дека? Брзо ќе се распаднат таквите згради, сите до една, затоа што се полни со крв во темелите! Наша крв, а не нивна!

Калина Коси

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …