вторник , 26 септември 2017
novinari

ТЕШКО ВРЕМЕ: Новинари на отстрел!

Новинарите имаат значајна општествена функција, тие се чувари на демократијата и нивна апсолутна должност е да се грижат за јавното добро, а со тоа и да известуваат за злоупотребите во вршењето на јавната власт или во трошењето на јавните пари. Секој напад врз новинар  е напад врз демократијата-вели Дејан Георгиевски од  Центарот за развој на медиуми. Сите напади врз новинарите, како што вели  заслужуваат најостра осуда, а особено ако таков напад се случува додека новинарот ја врши својата должност, да ја известува јавноста за настаните од нејзин интерес.

“Од известувањето за последниот напад врз новинарот Беловски  дознаваме дека  на физичкиот напад му претходеле серија навреди и дофрлувања, од познатиот арсенал што се користи за сите оние што не размислуваат или, скраја да е, ја критикуваат оваа власт – „предавници“, „платеници“, итн. Не знаеме што ќе покаже истрагата – а досегашната пракса, особено кога се работи за напади врз новинарите, не учи дека вистинска истрага не мора ни да има. Навистина, овој пат напаѓачот експресно е приведен – нападот сепак се случил пред очите на неколку припадници на полицијата – и идентификуван, па не може да важи стандардното оправдување дека се работи на откривање на сторителите на слични дела против новинари, за тие никогаш да не се откријат”-објаснува Георгиевски.

Очигледно е  според него дека постојат некои центри на моќ на кои не им одговара новинарите слободно да се занимаваат со својата професија и да известуваат објективно и критички за општествените состојби и настани, а особено не за истрагите за злоупотребите на службената положба и на моќта на сегашната власт. Особено вели загрижува невидената дрскост на напаѓачот, затоа што нападот се случил токму пред зградата на Министерството за внатрешни работи, пред очите на неколку припадници на униформираната полиција.

“Државата и нејзините институции овој случај  мора да го третираат со екстремна строгост, за да ги заплаши и предупреди токму оние што со вакви и слични напади сакаат да предизвикаат страв во јавноста и да ги замолчат неистомислениците преку реална или имплицитна закана од насилство.Тоа значи  освен ако не се покаже дека нападот врз Беловски  е последица на напад на лудило, на помрачена свест на напаѓачот, дека во земјава постојат структури што не се плашат на посегнат по слободата и физичкиот интегритет дури и во присуство на оние што се најповикани да и штитат токму слободата, безбедноста и физичкиот интегритет на граѓаните, имено полицијата”- нагласува Георгиевски.

Во пресрет на изборите  како што вели најверојатно оправдано, се гледа како на пресвртна точка и како на почеток на процесот на трансформација на Македонија во функционална демократија. Политичките партии, додава Георгиевски  сносат најголем дел од одговорноста за сегашната состојба во која се наоѓа македонското општество, за порастот на сите видови на насилство, економско, културно– на кое се изложени граѓаните на Македонија.

“Од друга страна, за многумина од сегашната, или досегашната власт, за кои има сериозни индиции дека биле вмешани во сериозни злоупотреби и корупција, изборите можат да значат почеток на крајот. Очајниците не бираат средства, и јас само можам да се надевам дека институциите на системот ќе сторат се да обезбедат изборите да се одвиваат непречено, а со тоа и делот на медиумското претставување на изборните кампањи.Се надевам дека осудата нема да остане само ритуална, само „реда ради“, што досега редовно беше случај, и дека конечно ќе видиме некаква правна завршница што, мислам, би требало да послужи и како предупредување за сите што можеби сакаат или планираат да вршат какво било насилство врз новинарите, но и врз кој било граѓанин, да размислат за последиците од таквата акција”-потенцира Георгиевски.

Новинарската професија додава тој генерално е во криза на глобално ниво поради финансиската и  несигурноста на работните места, но и поради силните притисоци и закани.

“Партиите од владејачката коалиција, нивните функционери, членови и симпатизери треба да се гневни на оние нивни припадници што се вмешани, осомничени или обвинети од Спеијалното јавно обвинителство за сериозни кривични дела. Тие сепак бираат да ја брцнат главата во земја и наместо со проблемите, да се занимаваат со оние што, каква и дрскост, решиле, затоа што тоа го бара нивната професија, да известуваат од нив. Тој приод, да се убие гласникот што носи лоши вести за да не ги слушнеме лошите вести не користи никому, а мислам дека најмалку им користи токму на тие партии од владејачката коалиција, затоа што тој само може дополнително да го зајакне револтот што расте во јавноста”- додава Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.

Оттука според него во сржта, во коренот на сите проблеми во медиумите и во новинарството во Македонија лежи фактот дека медиумската сцена е финансиски неодржлива и презаситена. Македонските  новинари, особено во традиционалните редакции вели  се наоѓаат во ситуација да бидат соочени со изборот, или ќе работат како што ќе им се каже, или ќе бидат независни и ќе работат така како што им налагаат стандардите на професијата, но ќе трпат за леб.

“Кај нас, на тие притисоци, главно од економска природа, се придодава и политичкиот притисок што го врши досегашната партија на власт, често во содејство со сопствениците на медиумите. Решенијата мора да бидат комбинација од регулаторни, законодавни и саморегулаторни решенија. Во моментот изгледа дека имаме две можности – или да го оставиме пазарот да ја разреши таа ситуација и нашиот медиумски сектор по сила на пазарните законитости да се сведе на одржливи размер, што ќе бара елиминација на сите непазарни практики што служат за одржување на сегашната ситуација, или државата да се вмеша и да интервенира за да заведе ред на пазарот. Лично, немам проблем ниту со втората опција, затоа што идеолошки сум близок до политичката филозофија која вели дека државата може, треба и мора да интервенира на пазарот ако е очигледно дека тој не функционира. А нашиот пазар не да не функционира, тој во секоја практична смисла скоро и да не постои”- смета Георгиевски.

Институциите според него се затворени за соработка и  најчесто отворено ги третираат новинарите како непријатели. Дополително, истражувачкото новинарство не е приоритет и  не е привлечно за сопствениците на медиумите.

“Тоа  е  последица на еден менталитет според кој секој што ќе стигне  до некаква позиција на која располага со некаков буџет, со  јавни фондови, нив ги третира како да се наследство од дедо му, а не како пари, средства што припаѓаат на сите граѓани. Не верувам дека некогаш ќе се промени човековата природа, во смисла оние што се вмешани во некакви злоупотреби, корупција или криминал од кој било вид да седат и да не се обидат да ги прикријат своите траги или да не се обидат да ја избегнат одговорноста. Додека не настапи некаква еволутивна, ако сакате, промена што ќе значи искоренување на оној дел од човековата природа што не тера кон таквите форми на себично однесување што резултираат во спомнатите форми на криминал или злоупотреби”- вели Георѓиевски.

Тој ги повикува носителите на политичка и економска моќ да ги остават новинарите и медиумите слободно да ја вршат својата општествено значајна функција, затоа што без слободни медиуми во кои работат слободни новинари, вели  не можеме да имаме вистинска функционална демократија. А без демократија, нема да биде добро за никого. Од друга страна според Ѓеорѓиевски новинарите треба да ги почитуваат стандардите на својата професија и да не штедат напор и усилби да ги одбијат притисоците на кои се изложени или непристојните понуди што ги добиваат. Општеството во целина, порачува, ќе знае тоа да го цени и ќе се солидаризира со нив  да им помогне.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …