понеделник , 23 октомври 2017
deskoska

Треневска Дескоска го честита почетокот на новата учебна година

Министерката за образование и наука Рената Треневска Дескоска упати писмо до учениците и наставниците во кое им го честита почетокот на новата учебна година посакувајќи им успех во учењето и работата.

– Пред Вас е нова страница од Вашиот живот, непозната, но возбудлива. Влегувате во светот на магичните букви и бројки, во светот на нови знаења и нови пријателства. Откривајќи ги тајните на учењето, ќе откриете дека училиштетото е едно големо магично игралиште, кое што чека да биде освоено, бидејќи со секое искачено скалило ќе дознавате нови работи и ќе постигнувате нови успеси, им пишува во писмото министерката Треневска Дескоска на првачињата.

Учениците,пак, ги потсетува дека образованието е едно долго патување, а не трка на кратки патеки.

– Другарувајте со книгите, откривајте ги тајните скриени во нив, отворете го умот за нови спознанија и за вистинските вредности. На ова долго патување, немојте да заборавите на важноста на пријателството, љубовта, солидарноста, одговорноста и посветеноста на градење подобар живот и подобар свет. На ова патување прочитајте ја книгата „Малиот Принц” и нека ве води нејзината порака: “Не можеш да гледаш убаво без срцето, суштината е невидлива за очите“, стои во пораката на министерката.

Според Треневска Дескоска, наставниците и професорите ја вршат најважната професија на светот, професијата која ги создава сите други професии.

– Вие сте оние кои ги описменувате нашите деца и се вложувате во нивниот успех. Вие сте оние кои ги мотивирате и ги насочувате, кои им го покажувате патот кон иднината. Бидете добар модел за нив и не заборавајте дека вистинското образование значи не учење на факти, туку учење на вредности, посочува Треневска Дескоска.

Учебната година со одлука на Министерството за образование и наука почнува денеска за 20.000 првачиња. Во средните училишта запишани се вкупно 17.131 ученик. Во двата уписни рока во скопските средни училишта запишани се 6.496 ученици, а во другите општини бројот на запишани изнесува 10.635.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …