вторник , 24 октомври 2017
ciprasEP

Ципрас: Новата програма за спас ќе значи крај на економската нестабилност

ciprasEPГрчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека спасувачката програма ќе стави крај на економската нестабилност, иако некои се обидуваат да го попречат договорот.

– И покрај пречките што некои се обидуваат да ги стават на нашиот пат, јас сум оптимист дека ќе имаме договор и тоа ќе стави крај на економската нестабилност, рече Ципрас.

Ова е неговиот прв коментар, откако меѓународните кредитори и Грција постигнаа договор за нова спасувачка програма во износ од 86 милијарди евра.

„То Вима“ денеска пишува дека и покрај ентузијастичките соопштенија на грчката Влада во врска со договорот за трета финансиска помош, преговорите се далеку од завршени со оглед на тоа што Еврогрупата ќе заседава во петок, а Германија изрази сомнежи и резервираност.

Ципрас во понеделникот вечер контактирал со германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Според некои грчки медиуми, Ципрас бил изненад што Меркел го прифатила ставот на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, инсистирајќи на тоа дека нема доволно време за договор, и во замена понудила преоден заем.

Грчкиот премиер и одговорил дека нема да прифати никакви отстапувања од договорот постигнат на Европскиот самит на 12 јули и ја изразил својата фрустрација за ова прашање на Оланд и Јункер, прашувајќи дали намерата на германската канцеларка е да се торпедира процесот. Наводно, францускиот претседател му рекол на Ципрас дека постапката за договорот мора да заврши пред состанокот на Еврогрупата во петок. Кога Ципрас вчера повторно разговарал со Меркел, таа му рекла дека не успеала да го проучи договорот, пишува „То Вима“.

Слични написи

zagreb

Загреб: Извикувал „Зиг хајл“ и напаѓал луѓе со солзавец

Во центарот на Загреб се случи инцидент во кој полесно е повредено едно лице, јавуваат …