недела , 20 август 2017
klimatski promeni

УСАИД организира Трета Меѓународна Конференција за Климатски Промени во Скопје

Повеќе од 150 учесници, вклучувајќи домашни и меѓународни експерти, носители на одлуки, граѓански организации од земјата и регионот, научници и практичари од областа на адаптацијата и ублажувањето на климатските промени, експерти за одржлив развој и претставници од приватниот сектор се состануваат денес за да се договорат за заедничките следни чекори за справување со климатските промени на Третата Меѓународна Конференција за Климатски Промени во Скопје.

Три-дневната конференција (3-5 февруари), која се одржува на Универзитетот ФОН, е организирана од проектот на УСАИД за Општински Стратегии за Климатски Промени, спроведуван од Милиеуконтакт Македонија. Целта е да се овозможи дискусија за клучни прашања поврзани со климатските промени, да се стимулира вклучување на дискузија за климатските промени во процесите за развојно планирање и донесување одлуки на локално ниво, како и да се изнајдат нови начини за унапредување на урбаната отпорност кон климатските промени.

Учесниците ќе воспостават регионални врски на соработка за заеднички активности за унапредување на отпорноста кон климатските промени во државата и регионот. Освен тоа, на оваа конференција ќе бидат објавени резултатите од примената на партиципативниот метод „Зелена Агенда“ за развојот на десет локални општински стратегии за климатски промени, како и ќе се промовира неговата примена во регионот. 

Во неговото обраќање, директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн истакна: „ Оваа конференција одбележува клучен момент за УСАИД и нашите партнери, и ни дава можност да погледнеме наназад на заеднички постигнатиот напредок во изминативе четири години во справувањето со локалните предизвици на климатски промени со кои е соочена Република Македонија. Главната цел на проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени е да се зголеми отпорноста на локалните заедници и да се зајакне нивниот капацитет да одговорат на предизвиците како поплави, ерозија, и управување со водните ресурси. Овој пристап предводен од локалните заедници помогна да се изнајдат решенија кои најдобро делуваат за локалните заедници – како руралните, така и урбаните. Со примена на партиципативниот пристап „Зелена Агенда“, работевме во партнерство со граѓаните, бизнис секторот, локалните власти и граѓанските организации на зголемување на подготвеноста за справување со климатските промени преку имплементација на мерки за адаптација кон и ублажување на нивните ефекти.”

Како признание за важноста на научниот пристап кон климатските промени, годинешната конференција, во соработка со Универзитетот ФОН, ја вклучува улогата на науката во дебатата за климатските промени, преку одбрана на научните откритија за климатските промени и нивната практична примена.

Исто така, конференцијата има за цел да го забрза процесот на развој и имплементација на усогласените чекори за намалување на јаглеродните емисии, споменати на светскиот климатски самит COP22 во Маракеш. Носители на одлуки, организации од граѓанскиот сектор, претставници од јавниот и приватниот сектор, вклучувајќи го и Министерството за Животна Средина и Просторно Планирање, Националната Агенција за Енергетика, Центарот за Управување со Кризи, Управата за Заштита и Спасување, претставници од министерства и локални власти ќе одржат континуиран дијалог за интегриран пристап и координирано дејствување за поддршка на Парискиот договор во текот на три-дневниот настан.  

Според Г-дин Игор Славкоски, Раководител на проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени и извршен директор на Милиеуконтакт Македонија, “климатските промени се глобален проблем, за чие решавање неопходна е ефективната акција и пред се преземање на индивидуална одговорност, што подразбира – делување локално.  Тие се една од најголемите закани за ранливите економии како нашите во регионот,  закана за нашите земјоделски приноси, а со тоа и зголемување на сиромаштијата и намалување на квалитетот на живот”. Тој додаде: “Денес, пред завршувањето на овој проект, десет македонски општини сериозно го прифатија фактот дека климатските промени се реална закана и успеаја да изработат локални стратегии за климатски промени кои директно ги рефлектираат локалните предизвици со кои се соочува локалното население. И затоа сакам да им честитам на општините Теарце, Богданци, Пехчево, Кривогаштани, Боговиње, Маврово Ростуше, Виница, Студеничани, Прилеп и Делчево, што визионерски пристапија кон оваа проблематика.”

Со оваа конференција се одбележува успешната реализација на проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени. Започнат во 2012, проектот имаше про-активен пристап во прилагодувањето кон климатските промени, кој дава приоритет на стратегии базирани на локални потреби. Се работеше заедно со локалните власти, граѓаните и граѓанските здруженија на изработка на ефикасни, локално создадени и во локална сопственост стратегии за намалување на јаглеродните емисии и унапредување на адаптацијата. Имплементирани се вкупно седумнаесет капитални мерки, во десет партнер општини, кои ќе им помогнат на најранливите жители да ја зголемат отпорноста кон климатските промени. Зајакнувајќи ја локалната отпорност кон климатските промени, овој проект го зајакна граѓанското општество со поттикнување на граѓански активизам и со зголемување на заложбите на заедницата здружено да делува за прашања од заеднички интерес.

Слични написи

Hristijan-Kostov

Костов: Болницата „8 Септември“ има долг од пет милиони евра

Градската општа болница „8 Септември“ има долг од 5 милиони евра или околу 243 милиони …