недела , 22 октомври 2017
vardar rakomet

Вардарци го добија првиот дерби-дуел против Металург

Ракометарите на Металург го загубија првиот од петте годинешни дерби-дуели што ќе треба да ги одиграат со градскиот ривал Вардар. Актуелниот европски шампион, предводен од тренерот Раул Гонзалес, кој и пред натпреварот важеше за голем фаворит, забележа висока победа од 32-23 (16-11) над најмладиот тим во регионов и Европа во годинешната сезона, во натпреварот од 1-то коло во Регионалната лига (РЛ).
– Им честитам на вардарци за играта и за победата, бидејќи тие беа подобриот тим во нашиот прв дуел сезонава. Наш главен хендикеп сезонава е немањето искусен бек-шутер, кој ќе може да ја разниша силната противничка зона, па во ситуација сме таа празнина да ја пополниме со млади играчи. Во одредени моменти од мечот успевавме да парираме, но сепак Вардар беше подобриот противник во клучните моменти. Сега треба само да се фокусираме да ги исправиме грешките во играта што беа фатални за нас и да одиграме добар меч во Панчево – нагласи стратегот на Металург, Лино Червар.

Младите момчиња од Автокоманда одлично го започнаа дуелот со Вардар, форсирајќи агресивна и цврста одбрана, која им правеше проблеми на вардарци во реализацијата на нападот, но црвено-црните брзо влегоа во ритам, па ја презедоа контролата врз играта. Нападот на Металург тешко стигнуваше во позиција за гол, а искусниот противник ги искористи сите шанси и акумулира солидна предност на полувремето. Продолжението од мечот во интервали донесе добра игра на Металург, но големиот број технички грешки во завршните десетина минути беа причината за високата предност што ја оствари Вардар на крајот од мечот.
– Натпреварите со Металург секогаш се тешки. Денеска нашата одбрана 6-0 многу добро функционираше, а ги искористивме контрите во клучните моменти. Металург има одличен млад тим, со многу нови играчи, и јасно е дека им треба малку време да се уиграат. Но сигурен сум дека во иднина ќе бидат многу посилни и ќе имаат добри резултати – смета тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Жарко Пешевски кај Металург и Тимур Дибиров кај Вардар со по пет гола беа најефикасни на теренот. Со по четири реализации се надоврзаа Божо Анџелиќ кај Металург и Хорхе Македа и Вуко Борозан кај Вардар.
Следното коло од РЛ започнува во вторник, кога се среќаваат Вардар – Горење (17.30 ч.), Нексе – Војводина (19.15 ч.). В среда Металург му гостува на Динамо Панчево (20.45 ч.), Загреб на Татран Прешов (17.15 ч.), а Целје го пречекува Мешков Брест (19 ч.).

Слични написи

iniesta

Иниеста потпиша доживотен договор со Барселона

Андрес Иниеста потпиша уникатен договор со Барселона, кој има доживотна важност. Ова е посебен начин …