вторник , 26 септември 2017
IMAG6099

(ВИДЕО) Еве што одговори Зоран Заев на новинарските прашања

IMAG6098
П1: Велите неодговорна власт и меѓудругото, затоа и ќе влезете сега во таа техничка влада за да обезбедите некаква одговорност за следните избори.Дали веќе разговаравте за персоналните решенија што ќе треба да ги заземат луѓето во таа техничка влада?

Овој процес трае во Социјалдемократскиот Сојуз и во опозицијата. Консултираме граѓански организации, консултираме и луѓе интелектуалци и ќе трае сигурно уште одреден период, знаејќи дека решенијата излегуваат пред Парламентот, на 20 октомври, согласно договорот од 15 јули. Досега она што е дефинирано се правно формалните аспекти на влегување во министерствата на доволно ниво за да може и опозицијата да биде гарантор во делот на спроведувањето на спроведувањето на фер, демократски и регуларни избори, а секако, и активен чинител во имплементацијата на оние работи согласно преговорите коишто траат за реализација на договорот од Пржино, во нивната конечна имплементација.

Решенијата ќе ги имаме во соодветен момент, ќе бидат согласно она коешто е договорено од 15 јули во Пржино. Се уште немаме одлуки за кадровски решенија.

 

П2:Денеска, во рок од 7 дена, повторно еден од Основните судови во Македонија, овој пат струмичкиот, донесува пресуда во ваша корист. Како го толкувате сето ова, претходно вие бевте централна фигура која нон- стоп одеше по судски предмети каде што, наводно, вие бевте тој што беше обвинет за навреда и клевета. Сега се враќа правдата назад, така сакате да се толкува сето ова или евентуално пак, судиите се ослободија од стресот и можат да работат по закон?

Јас не би навлегувал во коментар на судски пресуди, но она што сакам да го кажам, а истовремено и да потсетам, будејќи го проектот Вистината за Македонија, имаше една канонада на напади директно врз Зоран Заев, а со тоа и врз Социјалдемократскиот Сојуз и опозицијата. Таа канонада на напади беше проткаена со огромни проценти на клевета и навреда од поединци. Секако, штитејќи го мојот образ и дигнитет, а со тоа и образот и дигнитетот на СДСМ, отворив тужби против вакви лица. Денеска имаме и втора пресуда за нарушување на чест и углед врз моето име, коешто секако, е објавено во процедура донесена согласно законот.

Денеска од мојот адвокат известен сум дека тужбеното барање е во целост усвоено и има изречено казна за нанесување на штета врз честа и угледот на Зоран Заев.

Не би сакал да толкувам било што дали се случува во судството или не, посебно низ личен пример. Јас сум политичар. Дај Боже тоа да го почувствуваат граѓаните дека оној што бара правда ќе ја добие, оној што е виновен ќе биде казнет. Тоа е тоа коешто секое слободно и демократско општество мора да го прави, а граѓаните го очекуваат. Во оваа борба за слобода и демократија и европски вредности, меѓу другото беше и борба за правда. Се надевам дека пред сé, граѓаните коишто бараат правда, а се правични, ќе добијат правда.

За мене оваа финансиска надокнада од некни од Штип или од денеска од Струмица, не ми значи ништо. Целосно ќе ги донирам средствата во хуманитарни цели. За мене е важно што некако е овозможена морална сатисфакција на она што значи нарушување на чест и углед пред граѓаните пред коишто настапувам како политичар, барајќи ја довербата нивна, градејќи ја со она коешто јас и СДСМ го работиме. Така да, најмногу што можам да кажам, нека биде искра надеж дека Македонија ќе го доживее денот кога ќе има правда за секој правичен и казна за секој што се огрешил во законот. Ако мислите дали ова е тоа што го чекаме, не е. Зоран Заев е во прашање и тој е политичар. Кога граѓаните тоа ќе го констатираат, тогаш е тој ден којшто сите го очекуваме.

П3: Како ќе го решите проблемот со администрацијата, со оглед на тоа што има 180 илјади вработени, а кажавте дека нема да ги отпуштате од работа. Како ќе го решите тоа во иднина бидејќи буџетот е преоптеретен? Второ, како ја коментирате изјавата на Љубчо Георгиевски којшто ве нападна дека опозицијата е исто криминизирана како власта и трето, како ја објаснувате вашата средба со Минчо Јорданов, човек којшто 10 години е најголем тендераш на Груевски?

На првото прашање го дадовме одговорот и тоа не е нешто дека СДСМ и опозицијата измислија топла вода. Сите оние земји од поранешниот источен блок, денеска членки на ЕУ, и до ден денеска и ЕУ применува модели т.н. економско-оперативни, социјални системи за успешна, ефикасна и ефективна јавна администрација. Тоа не значи бркање на луѓето од работа. Тоа значи ставање нивно максимално, на места каде што ќе бидат ефикасни и ефективни, каде што постојат неопходни потреби во општеството, па на крајот на денот да бидат административни асистенти на домашните инвеститори во делот на административните постапки, е ефикасност и ефективност во нивното работење. Ние рековме дека ова не смееме да дозволиме никогаш повеќе да се повтори, меѓу кои, да не се повтори никогаш партиско бркање или партиско вработување. Македонија мораме заедно да си ја градиме. Постојуваме на ова и еве јавно го обелоденуваме пред сите граѓани.

За делот на обвинувањата, јас не сум ги слушнал, но да претпоставиме дека се така. Зарем мислите, ако имало криминал во Заев или во некој од опозицијата, власта ќе останела анемична? Сите органи на прогонот се под контрола на власта. Не само тоа, и правосудните истанци. Ако некој се огрешил од законот, посебно ако е во водството на опозицијата, верувајте, досега нема да бил на слобода. Така да, најсилниот аргумент дали некој кривично се огрешил или не, е токму тоа. Власта досега, во духот на тоа како е поставена во општеството, никој од нас опозиционерите немала да го остави на слобода, ако имал макар тронка грешка, спротивно работење на позитивните законски прописи во Македонија.

И на третото прашање. Зоран Заев беше поканет гостин заедно со делегацијата од СДСМ, на 15 години на престижен медиум во Македонија, којшто е многу важен, посебно во делот на економијата и секако во духот на подавањето рака кон сите медиуми. Се трудиме секаде да бидеме присутни и да изразиме респект за секој оној што се обидува да независно функционира и работи. Точно дека на таа средба се случија многу средби со бизнисмени коишто на едноставен начин пријдоа.

Ние нашите суети ги ставивме дома. Апсолутно, приближувањето на некој поединец до опозицијата, во најмала рака не смее и нема да значи било какво негово амнестирање ако се огрешил некој по Законот. Тоа за што се бориме јавно го зборуваме и јавно дебатираме. Зад тоа стоиме и јас, и Социјалдемократскиот сојуз и целата опозицијата.

Како што гледате јас пристапувам и кон новинари и кон бизнисмени и кон интелектуалци-поединци коишто имаат целосно критичен осврт кон опозицијата. Немаме предрасуди, ние сме политичари и треба да разговараме со секој, притоа, знаејќи кој како е поставен во општеството. Нашите ставови се јавно изразени. Знаете дека за дел од медиумите се изразив со зборовите злосторничко здружение, без предрасуди. Заради тоа што медиумите кога ги гледате на тв екраните не мора да бидете опозиционер за да констатирате згрозување од нивното однесување. Но верувам дека не секогаш тоа зависи од поединецот. Тоа зависи од група на луѓе. Затоа секогаш сме биле отворени, транспарентни и секогаш стоиме на располагање, било кој да пријде, да се поздравиме, или да изразиме човечки респект, почит. Нашите ставови се јасни во заложбите зад коишто и јас и СДСМ стоиме.

П4: Што е најспорно во преговорите бидејќи денеска паузираат работните групи а утре истекува крајниот рок за постигнување на договор? Ќе се повтори ли ситуацијата како при за специјалниот обвинител?

Комесарот Хан ја номинираше датата 6-ти октомври а ние ја прифативме, сите, како учесници на преговорите. Зошто? Убаво е да имаме зададени рокови кон коишто ќе итаме, притоа не мора да бидат запишани во договорот од Пржино. Прифаќајќи ја таа дата, секако поучени од искуството во донесувањето на Законот за специјалниот обвинител и изборот на специјалниот обвинител се надевавме дека ќе извлечеме поука. Затоа и апелиравме и алармиравме дека не смееме да дозволиме во 5 за 12 да се носат одлуките. Тоа не е добро. Ден порано, два дена порано е добредојдено донесувањето на одлуките.

Денеска сме 5-ти утре е 6-ти, очигледно ќе биде пак 5 за 12. Прво, бегање од договорот нема и мора да се спроведе во целост. Тоа што се случува на преговорите повеќе е заобиколување, купување на време, барање на паузи, повторно отворање на веќе затворени работи, се со конечна цел, да се купи повеќе време од страна на нашиот политички противник.

Секако дека договор за изборното законодавство, на 6-ти, мора да се постигне и од тоа бегање нема. Жалам што во последни моменти тоа ќе се случува како што беше и со Специјалниот јавен обвинител.

П5: Зошто денеска нема средба?

Од модераторите на средбата, од господинот Питер Ван Хојт, известени се нашите преговарачи дека за денеска средба нема да закажуваат. Најверојатно утре ќе имаме конкретно решение на маса за коешто ќе се носат одлуките.

П6: Значи од странците ќе дојде предлогот?

Претпоставувам дека од кој и да дојде предлог решението тоа е врз основа на овој дијалог којшто се водел целиот овој период зад нас за коишто и ние и другите во преговорите ќе ги кажат своите ставови.

П7: Бидејќи гледаме дека се газат роковите која е вашата оценка, дали ќе има време за квалитетни прочистување на Избирачкиот список?

Не навлегувам во деталите затоа што неколку пати се соопштени нашите ставови. Целосна проверка на Избирачкиот список во Република Македонија мора да се случи. Нашите ставови се тоа да биде на еден транспарентен начин којшто ќе ја даде конечната цел а тоа е кредибилен избирачки список за граѓаните на РМ. Не за Заев, Груевски, Ахмети или Тачи, за граѓаните на Република Македонија. Знаете сите дека и според официјални статистики некаде околу 1 милион 650 илјади граѓани, вкупно, има Македонија коишто во моментов се во државата, останатите заради мигрирањето се надвор од државата. На последниот избирачки список имаме 1 милион 780 илјади гласачи. Сите знаеме дека проверка, прочистување или ревизија на Избирачкиот список мора да се случи.

П8: Власта досега имаше повеќе вакви акции, во форма на идеи, средби со граѓани, коишто можеа да дадат одредени иницијативи, со идеи. Сега и вие најавувате нешто такво. Дали е ова некое пресликување на тој модел?

Ќе не следите во овие 5 недели кадешто ќе ги афирмираме петте столбови на коишто се темели нашата платформа. Зборуваме за Платформа затоа што таа Платформа ја изработуваме како визија на СДСМ и опозицијата. Ќе биде испратена до интелектуалци, граѓани, насекаде. Ќе бидат организирани 28 дебати низ Македонија. Не зборуваме да луѓето во сандаче стават некоја своја идеја. Секој граѓанин ќе има можност, дури и оние коишто можеби немаат можност да присуствуваат на овие 28 трибини, затоа што процесот е отворен, и online и физички да даваат свој придонес. Но, на самите трибини нашата надеж ја темелиме дека е бидат присутни многу интелектуалци, луѓе од секакви области, каде што сакаме да ги слушнеме нивните корекции, сугестии, добронамерни идеи, нивната визија.

Ние го знаеме концептот за којшто се залагаме овде, во нашите партиски структури. Но, ниту се сметаме за најпаметни ниту дека знаеме се. Го отвораме концептот во овие пет недели и ги повикувам сите интелектуалци, сите стручни луѓе, но и сите граѓани кои многу често не прашуваат како да дадеме придонес, еве вака да дадеме придонес, да дадеме конкретен предлог во којшто веруваме и да го споделиме во дебата на сите овие 28 трибини. Две ќе има во внатрешноста една во Скопје. Нашиот претседател на Комисијата за економија ги најави само првите, за оваа седмица. Овие трибини ќе бидат отворени и нашите очекувања се позитивни. Очекуваме присуство од интелектуалци, граѓански здруженија, професионалци од областа, граѓани. За да може да не подобрат нас, за да може заедно со граѓаните да ја изградиме понудата.

После тоа ќе закажеме програмски конгрес на којшто повторно ќе ги повикаме на експертиза, интелектуалците, експертите, граѓанските организации, професионалците, да учествуваат. Така ќе го оформиме концептот на програмата на СДСМ.

П9: Господине Заев неодамна рековте дека целата партија е оставена на ваши раце да се финансира, дека сите бизнисмени се плашат да и помагаат на СДСМ. Сега кога се ближи крајот на режимот дали бизнисмените се охрабрија да го помогнат малку СДСМ? Ќе може ли да се соочите со машинерија, ќе ве чека во април, сигурен сум дека режимот ќе истури десетица милиони евра.

Во духот на транспарентноста на водењето на целиот овој процес, Вистината за Македонија, јас сум транспарентен и секогаш отворено зборувам, СДСМ се финансира од својата членарина, којашто во вака тешко економско време верувајте е доста скудна, од парите  коишто ги добиваме согласно Закон и од фирми многу блиски до Заев. Се охрабрија одредени бизнисмени но досега погрешно. Вакви пари на СДСМ и на опозицијата не и требаат. Се надевам дека вистински бизнисмени, во рамки на законско дозволеното, на транспарентен начин ќе го направат помагањето на опозицијата и СДСМ доколку така одлучат. Го издржавме целиот овој процес во опозиција, 9,5 години сме опозиција, една од најтешките работи е финансирањето на нашите организациони активности. Во целиот овој процес нема да дозволиме сол некој да ни трие над главата во периодот којшто доаѓа. Апсолутно сме на чисто. Ако го издржавме целиот овој процес вака, ќе го издржиме до крај. Барем ќе знаеме дека не зависиме од никој, односно ќе можеме чесно да се заложиме за единство и еднаквост  во државата, да ја враќаме искрено средната класа, после 24-ти април кога СДСМ ќе има чест да ја води државата.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …