вторник , 26 септември 2017
kadiev_rodilka

(ВИДЕО) Кадиев: Полицијата кажа дека анестезиологот бил често пијан

kadiev_rodilka
Она што требаше да биде најсреќен ден во животот на Мите Кадиев од Дојран се претвори во вистинска семејна трагедија. Синоќа неговата 32-годишна сопруга Маја требало да ја донесе на свет нивната втора ќерка, но и таа и нероденото бебе починале во болницата во Гевгелија. Кадиев со солзи во очите раскажува дека во текот на бременоста немало никакви компликации, а гинекологот му рекол дека породувањето со „царски рез“ ќе заврши за еден час. Сепак, по 45 минути го известил дека се принудени да ја прекинат операцијата затоа што, како што подоцна разбрал, анестезиологот бил во алкохолизирана состојба.

– Слушнав дека гинекологот зборува на телефон, како што рече тој, со директорот на болницата и му рече „Дојдете да видите во каква состојба ви е персоналот“. Пред да се јави ми кажа дека не може да ја направи операцијата додека анестезиологот е во таква состојба. Два пати пробувал да и стави тубус и не можел да го стави. Општо е познато, а и полицајците кажаа дека тој анестезиолог, а и другиот, кој не знам дали беше таму, постојано се пијани. Затоа и доцнеше операцијата еден час, вели Кадиев за Телма.

Потоа ситуацијата се искомплицирала. Кадиев забележал дека целиот персонал во болницата се растрчал, а половина час подоцна ја добил лошата вест.

– Некаде околу 12 часот на полноќ ми кажаа дека бебето не преживеало. Единствената жица што ми понима низ главата беше да остане жената, да не останам сам. После половина час ми кажаа дека и сопругата починала, рече Кадиев за Телма.

Кој е виновникот? Дали мораше ова да се случи? Ова се прашањата кои го мачеа Кадиев додека утринава пред Институтот за судска медицина во Скопје чекаше да биде извршена обдукцијата врз телото на починатата сопруга. Вели дека најтешко ќе му биде да и соопшти на неговата 5-годишна ќерка дека мајка и повеќе ја нема.

– Јас прво не смеам да и кажам дека мама ја нема. Можеби полесно ќе го помине тоа дека сестричката, на која сама и го даде името Ана, ќе ја нема. За мама, не знам. За мама ќе биде голем проблем. Не знам како да и кажам дека мама веќе ја нема, рече Кадиев.

43-годишниот Кадиев е дециден дека правдата ќе ја истера на виделина и дека нема да се откаже се` додека не се утврди кој е виновен за смртта на неговата сопруга и нивната неродена ќерка. Од гевгелиската болница за сега не го коментираат случајот. Екипи на МВР и јавен обвинител во текот на ноќта земале изјави од сите вработени во болницата, кои учествувале во операцијата. Од министерството за здравство информираат дека во гевгелиската болница веќе е  испратена стручна комисија, составена од гинеколози и анестезиолози, кои треба да го испитаат случајот и да утврдат дали породувањето било извршено според пропишаниот протокол. Извештајот на комисијата треба да биде готов во понеделник.

Извор: Телевизија Телма

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …