вторник , 24 октомври 2017
manastirot-sveti-jovan-bigorski2_619x309

Во Бигорски одржан првиот семинар на професори по „Етика во религиите“

Во македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител“ попознат како Бигорски манастир, одржан е семинар организиран од здружението „Просветление“, асоциација на професори по предметот „Етика на религиите“.

Овој настан, прв од ваков вид, организиран од Асоцијацијата по нејзиното формирање во февруари годинава, беше наменет за професорите кои изведуваат настава за учениците во VI одделение по предметот „Етика во религиите“, што се изучува како изборен предмет.

Главната тема на семинарот беа позитивните искуства од воведувањето на предметот „Етика во религиите“ во основното образование и постигнување повисоки резултати во работата со учениците.

Прсутните ги поздрави игуменот на манастирот, архимандрит Партениј, кој изрази благодарност што вероучителите го избраа токму Бигорскиот манастир за да ја реализираат својата прва средба.

– Оваа средба треба да ве поттикне на силно меѓусебно дружење и зближување во Христа. Во светот вообичаено се вели: „Само добриот тим е тим кој успева“. Па така и вие треба да сте едномислени и едногласни во своите ставови и барања, рече меѓу другото архимандрит Партениј.

Тој нагласи дека минатото лето во Бигорскиот и манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, летната школа по веронака ја посетиле повеќе од 350 деца, кои преку учество во литургискиот живот и послушанијата опитно ги спознале длабочините на православната вера.

Свои излагања за важноста на застапеноста на предметот „Етика во религиите“ во образовниот систем, како и благодарност до бигорскиот игумен за гостопримството изразија и деканот на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, како и претседателот на Асоцијацијата на професори по Етика на религиите, отец Бобан Митевски.

Целта на овој семинар беше да се постигне континуирано и професионално усовршување на воспитно-образовниот кадар, подобрување на квалитетот на наставата по наставниот предмет, на методите и пристапите во реализација на наставата, како и во насока за обезбедување одговори на многуте прашања и дилеми со кои се соочуваат професорите и стручна и советодавна поддршка.

Придонес кон тоа дадоа и директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, како и Лилјана Самарџиска Панова, советник во истата институција.

На семинарот беше најавена и втората активност на Асоцијацијата – првиот награден литературен и ликовен конкурс по соодветниот предмет на тема: „Св. Климент – живот и дело“, кој треба да се одржи во наредниот период.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …