понеделник , 25 септември 2017
prisluskivanje

Во УБК не го „играат“ ни СЈО, ни Прибе

УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал. T.н. прекинувачи (proprietary switches) треба да се кај телекомуникациските оператори, препорача Прибе.

Два дена откако техничкиот премиер Емил Димитриев најави дека се направени сите подготовки за почеток на националниот проект за консолидација на безбедносниот систем на Македонија, во УБК се покажаа сите слабости поради кои ваквите реформи може да бидат доведени во прашање. Акцискиот план за спроведување на реформата, за кој беше речено дека се темели на извештајот на Прибе, падна на првиот тест – при обидот за истрага од страна на СЈО во УБК.

„Без оглед дали и колку сакаат да лажираат ‘реформи’, веќе никој не ќе може да ја стопира истрагата на СЈО. Може да се прават разни обиди таа да се одолговлекува, но не ќе може да се спречи“, тврдат за Дојче веле извори од МВР упатени во истрагата што тимот на Јанева го спроведува во седиштето на тајната полиција.

Од СЈО на денешната прес-конференција потврдија дека „тешко оди соработката со УБК“.

„Преседан е кога државна институција одбива судска наредба и бара изговори“, рече обвинителката Ленче Ристовска, набројувајќи ги пречките со кои од вчера се соочуваат во реализацијата на двете судски наредби во Управата за безбедност и контраразузнавање. Со едната судска наредба се бараат податоци за лица кои биле опфатени со посебни истражни мерки (ПИМ) од 2008 до 31.12.2015 година, како и Книгата на евиденција за тие мерки.

„По едната судска наредба за одземање документација се постапува. Се врши попис на документи, а ќе се одземе и Книгата за евиденција“, рече обвинителката.

Станува збор за обемна документација, речиси децениска, со оглед дека се бараат податоци од 2008 година. Пописот се врши надвор од УБК, во друга зграда каде се архивирани овие податоци.

Зошто туѓа сопственост се наоѓа во МВР?

Но, се уште се чека на реализација на втората судска наредба која се однесува за одземање комјутерски податоци, по прашањето кои броеви биле предмет на следење на телефонските комуникации, односно кој се бил прислушуван, со цел да се направи споредба дали има совпаѓање меѓу наредбите за ПИМ и следените комуникации.

„Објаснувањето од УБК беше дека единствените две лица кои имаат пристап до системот за следење на телекомуникациите не се во државата. Од УБК презедоа обврска дека ќе направат напори тие лица во текот на денов да се вратат во земјава и да пристапиме кон прибавување податоци од системот“, рече Ристовска.

Изворите од МВР велат дека и да биле овде тие двајца службеници, повторно ќе било неопходно присуството на овластен претставник на операторот.

Надлежните во УБК тврдат дека немаат лозинка за влез во системот- кој пак воопшто не би смеел да биде кај нив.

„Образложението за двајцата отсутни службеници од УБК е дел од начините за одолговлекување на истрагата“, велат тие.

Вчера директорот на Бирото за јавна безбедност изјави дека системот не е сопственост на МВР, односно на УБК, туку сопственост на операторот и само од него овластено лице може да пристапи и технички да ги одвои актуелните од завршените посебни истражни мерки. Во спротивно, според Чавков, постоеле огромни ризици за прекин во системот, но и за севкупната безбедност.

Ристовска денеска уште еднаш повтори дека СЈО не бара податоци за тековни посебни истражни мерки (ПИМ) ниту да направи упад во безбедносниот систем државата, како што во јавноста беше претставено од функционери во МВР.

„Ние работиме со класифицирани информации и задолжени сме да ги чуваме како тајна. Затоа ги отфрламе како неосновани сите тврдења дека со нашата работа би се поткопал безбедносниот систем. Ние сме таму за да обезбедиме податоци за истрагата кои се од клучна важност за работата на СЈО. И не сме отишле неподготвени како што не обвинуваат. Системите физички се наоѓаат во УБК. И УБК треба да ја спроведе судската наредба, да ни обезбеди физичко присуство, пасворди за влез во системот и постапување по судската одлука. Бидејќи тие тоа не го овозможија, ние тоа го побаравме од операторот. А МВР треба да објасни зошто нешто што не е нивна сопственост, се наоѓа во нивни простории“, рече Ристовска.

 

Подалеку од УБК

Прашањата што го постави обвинителката, уште минатата година беa нотирани во Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, ангажирана од Европската Комисија. Во Извештајот се вели дека следењето на комуникациите е една од петте „најчувствителни области“ во кои се идентификувани „значајни недостатоци“. Една од главните препораки што ги дала експертската група гласи: „УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува отсликување на комуникацискиот сигнал. T.н. тhe proprietary switches (сопственички прекинувачи) треба да бидат преместени во просториите на телекомуникациските оператори. Операторите треба да ги активираат и пренасочуваат сигналите до надлежните органи (полицијата, Царинската управа и Финансиската полиција) или до безбедносните органи (Управата за безбедност и контраразузнавање, Агеницијата за разузнавање  и одделот за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана) само по добивањето на релевантна судска наредба и само за целите на законското прислушкување. Под кои било околности УБК не треба да има практична можност за директно пресретнување на комуникациите“.

Од СЈО ги тфрлаат како неосновани сите тврдења дека со нивната работа би се поткопал безбедносниот систем.

Но, УБК има токму такви можности, што го зголемува сомнежот од волунтаристичко постапување без судски налог, но и уништување на доказите од злупотребата на системите. Токму такво прашање денеска Ристовска доби од новинарите.

„Не можеме да ги конролираме влезовите и излезите на УБК. Уништувањето службена документација е кривично дело и од една државна институција не би требало да се очекува такво нешто“, одговори таа.

Но, според експертскиот тим на Прибе, дури и во такви околности ништо не може да се сокрие: „Онаму каде што е потребно, истражителите може да ја разгледаат можноста за меѓународна помош и експертиза, на пример во повратот на избришаните датотеки“.

Токму она што СЈО од вчера се обидува да го реализира, е содржано како препорака и во Извештајот на Прибе.

„Ефективната истрага може да побара одземање на датотеките и сите достапни архиви од УБК и телекомуникациските оператори и нивна споредба со издадените судски наредби“.

Како што веќе е познато, таа постапка не оди лесно, па дури ни рутинската смена на тимовите од СЈО во седиштето на УБК. Истражителите и обвинителите утрово биле непријатно изненадени кога стигнале во МВР да ги заменат колегите кои таму работеле во текот на ноќта. МВР вовело нови процедури за влез, по што тимот на СЈО извесен период бил оневозможен да влезе таму.

Слични написи

шамија

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата

Народниот правобранител најостро ја осудува постапката на Министерството за образование, кое со испратениот допис  му …