недела , 22 октомври 2017
mitrinovski-jordan

За еден месец Македонија втор пат казнета во Стразбур, овојпат за судијата Јордан Митриновски

mitrinovski-jordan
Судот за човекови права во Стразбур ја казни Македонија со 4.000 евра одлучувајќи по жалбата на поранешниот претседател на Апелациониот суд Скопје, Јордан Митриновски, за неговото разрешување од судиската функција во 2011 година, објави Академик.мк

Во пресудата е утврдена повреда на правото на фер судење од аспект тоа што тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, се јавува и како иницијатор на постапката за дисциплинска одговорност на Митриновски и како член на Судскиот совет на РМ кој подоцна одлучува по таа иницијатива и носи одлука за негово разрешување.

Судијата Митриновски беше разрешен во 2011 година поради одлуката да го пушти Бајруш Сејдиу во домашен притвор. По барање на јавниот обвинител, пак, Врховниот суд во Совет, со кој претседаваше Вангеловски, донесе одлука со која го укина решението за преиначување на мерката притвор и побара разрешување на Митриновски. Вангеловски, како претседател на Врховниот суд, беше и член на Судскиот совет што ја донесе одлуката за негово разрешување.

Судот во својата пресуда оценува дека Митриновски имал легитимна основа да стравува дека претседателот на Врховниот суд бил веќе лично убеден дека тој треба да биде разрешен поради професионална грешка пред да дојде прашањето до Судскиот совет.
Како дополнителна повреда е посочено тоа што на одлуката за разрешување Митриновски морал да се жали пред Жалбениот совет во Врховниот суд каде што претседател на судот е Вангеловски.
„Во такви околности Судот смета дека системот во кој судијата Јово Вангеловски, како член на Судскиот совет, кој побарал иницирање на постапката, учествувал во одлуката за отстранување на жалителот од функцијата, фрла сомнеж за неговата непристрасност кога се одлучува за основаноста на жалбата на жалителот по предметот. Со оглед на горекажаното, Судот утврдува дека судијата во постапка не го положи тестот за субјективна и објективна непристрасност. Понатаму, фактот дека судијата беше еден од петнаесеттемина членови на Судскиот совет не може под тие околности да доведе до каков било друг резултат. Според тоа, бил прекршен членот 6 став 1 од Конвенцијата поради недостиг од непристрасност на Судскиот совет при разгледување на предметот на жалителот“, се вели во пресудата што денеска ја објави Судот за човекови права.

Според Судот, жалителот мора да претрпел вознемиреност и нервоза на сметка на констатираните повреди.
„Затоа, одлучувајќи на правична основа, во согласност со членот 41 од Конвенцијата, Судот му доделува на жалителот 4.000 евра во однос на нематеријална штета, плус која било такса што би можела да биде наплатена“, се вели во пресудата.

Минатиот месец Македонија го изгуби спорот со кумановскиот доктор Ангелковски кој што беше брутално претепан од страна на полициски службеници во Куманово.

Слични написи

2-ALIMS-13ti-simpozium-2017-1024x986

Бекировски учествуваше на симпозиум во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија

Стручниот тим на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), учествуваше на 13-тиот симпозиум во организација …