понеделник , 23 октомври 2017
Снежана Ангелковска Трајковска

Задоцни ли повторно македонскиот безбедносен систем?

Снежана Ангелковска Трајковска
 Снежана Ангелковска – Трајковска

Соочени со неизвесноста, очајот и сиромаштијата кои се последица на долгите и крвави конфликти, жителите од регионот на Северна Африка и Блискиот Исток масовно ги напуштаат своите земји и се упатуваат кон територијата на Западниот Балкан и кон земјите на Европската Унија, со надеж дека својата иднина ќе ја обезбедат во земји во кои владеат правото, слободата и демократијата.

Но уште во предворјето на заедницата на европските држави, во земјите од Западниот Балкан чии политики се насочени кон интегрирање во ЕУ, меѓу кои спаѓа и Република Македонија, мигрантите наидуваат на затворена врата и високи ѕидови. Соочени со таквата состојба, ним не им останува ништо освен чекајќи да им се одобри влез, да подигаат кампови во кои секојдневно ќе им се придружуваат илјадници нови мигранти.

Прашањето кое се поставува е колку овие држави имаат капацитет да се справат со современите безбедносни закани, имајќи го притоа во предвид фактот дека со помош на современата и софистицирана технологија за производство на оружје за масовно уништување, само еден човек може да им нанесе сериозен удар на безбедносните структури и да ја загрози националната безбедност дури и на државите со најдобро организирани системи?

Останува надежта дека ЕУ ќе го примени основниот принцип на кој се темели вториот столб, заедничката надворешна и безбедносна политика, односно безбедноста на своите граѓани да ја штити со дејствување надвор од своите граници. Во една таква ситуација, најдобро би било да дојде до зголемување на фондовите на ИПА програмите што ќе доведе до подобрување на прекуграничната соработка на земјите од Западниот Балкан, претежно во областа на граничното управување. Средствата би се употребиле за набавка на современа техника и опрема, формирање на експертски тимови, како и поткрепување на иницијативата за неопходното заедничко дејствување на земјите од регионот во насока на решавање на заедничкиот проблем.

Нашиот систем за национална безбедност во континуитет реагира со видливо задоцнување – најпрво дозволува силно да се почувствуваат последиците, па дури потоа да се премине кон носење одлука како да реагира. Па така, после рапидното зголемување на бројот на мигрантите и неколкуте сериозни инциденти, во решавањето на проблемот реши да ја вклучи и Армијата. Зарем проблемите не можеше да се очекуваат уште со најавите за кревање ѕидови пред самата порта на ЕУ?  

Дали сега можеби треба да се претпостави дека заради уморот од долгиот и тежок пат кон ветената земја бегалците се се’ уште мирни и можат да се контролираат? Што ќе се случи кога ќе сфатат дека се заглавени во земја која, барем според стандардот на граѓаните, не се разликува многу од земјите од каде доаѓаат? Што доколку фрустрацијата ги натера на агресивно и конфликтно однесување?

Доколку тоа се случи, ќе значи дека нашиот систем за национална безбедност, по навика, уште еднаш задоцнето реагирал.

Снежана Ангелковска Трајковска

Слични написи

received_10208023772386693

И биднаа безмалку педесет дена од новата Влада!

Колумната ќе ја започнам со една приказна, која оди вака: ,, Бог му заповедал на …