недела , 20 август 2017
ivanovvv

Заев ќе оди кај Иванов, Ахмети „ќе види“

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска треба да одржи поединечни средби со политичките партии, во рамките на консултациите што од неговиот кабинет ги најавија завчера, во врска со доделувањето на мандатот за состав на нова влада.

Од кабинетот на Иванов вчера потврдија дека средбите со политичките партии следуваат по состаноците што претседателот на државата ги имаше со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, и со евроамбасадорот Самуел Жбогар, вчера и завчера.

Засега нема официјални информации за времето кога се предвидени средбите, ниту дали сите партиски лидери ќе присуствуваат на нив.

На прашање на „Мета“ дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе оди на средба со Иванов, шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби, кратко ни изјави „Ќе видиме подоцна“.

Од СДСМ велат дека до вчера попладне до партијата не стигнала покана од кабинетот на Иванов, а за најавените средби знаат од тоа што го прочитале во медиумите.

– Ако добиеме покана, секако дека ќе одиме – велат за „Мета“ високи извори од СДСМ, кои додаваат дека она што тие го очекуваат од Иванов е да му го даде мандатот на Заев.

„Дојче веле“ на македонски јазик пишува дека средбата на Заев со Иванов е закажана за 15 часот, а на неа лидерот на партијата ќе оди придружуван од заменик-претседателката на партијата, Радмила Шекеринска, и од генералниот секретар, Оливер Спасовски. Раководството на Движењето Беса на средба кај претседателот е точно напладне, а во термините помеѓу и пред тоа таму треба да пристигнат и раководствата на другите партии. Од ВМРО-ДПМНЕ не се знае кој ќе присуствува на средбата, а според „Дојче веле“, неизвесно е присуството на Ахмети, со оглед дека ДУИ не го признава легитимитетот на Иванов.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, завчера на прес-конференција истакна дека Европската Унија очекува од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, „да изврши итна и отворена консултација“ со политичките партии во земјата и „бргу да определи лидер за формирање влада“.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во понеделникот оваа недела, на прес-конференција рече дека очекува од претседателот Иванов нему да му го додели мандатот за формирање нова влада и дека сите поинакви опции ќе значат кршење на Уставот и злоупотреба на функцијата.

Слични написи

Hristijan-Kostov

Костов: Болницата „8 Септември“ има долг од пет милиони евра

Градската општа болница „8 Септември“ има долг од 5 милиони евра или околу 243 милиони …