вторник , 26 септември 2017
Центар за социјална работа

ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ЛИЦА СО ИНВАЛИДНОСТ ОД ПРИЛЕП ГО ТУЖАТ МЕЃУОПШТИНСКИОТ ЦЕНТАР ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА

Центар за социјална работа
Пишува:
Зоран Милошески

Девет прилепски здруженија на лица со инвалидност до Основниот суд во Прилеп ќе поднесат тужба против ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа заради утврдување на правото на сопственост на објектот во кој се сместени и здруженијата и државната институција.

Имено, деветте здруженија на лица со инвалидност се правни следбеници на некогашниот Општински сојуз на општествено-хуманитарни организации на Општина Прилеп, кој во 1982 година обезбедил средства за изградба на Дом на хуманитарни организации, сегашната зграда на Меѓуопштинскиот центар.

Според тужителите, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа од Прилеп и директорката Снежана Јованоска знаеле дека објектот бил граден од страна на поранешниот Општински сојуз на општествено-хуманитарни организации на Општина Прилеп. Сепак, и покрај таквото сознание тие ја искористиле околноста што одобрението за градење гласело на Центарот за социјални работи, па во Агенцијата за катастар и недвижности објектот во целост го запишале на име на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на ИЛ бр.31959 за КО Прилеп.

Претставниците на здруженијата на лицата со инвалидност кои ги контактиравме, не ја кријат разочараноста од начинот на кој оваа државна институција се обидува да ги злоупотреби здруженијата. Според нив, ова е само уште еден доказ за неискрениот однос и несоодветниот третман кој државата го има кон лицата со инвалидност.

Директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална-Прилеп Снежана Јованоска за РеволуционерМк изјави дека таа, како прв човек на институцијата ниту дава, ниту одзема право на сопственост на објектот. Имотниот лист им го издал прилепскиот Катастар откако, согласно законот, Центарот ги поднесол сите важечки документи кои ги имал со барање за легализација на објектот.

Јованоска објаснува дека во меѓувреме била извршена реконструкција на објектот, но дека просториите во кои се сместени здруженијата останале во првобитната состојба.

Директорка„За да се реконструира и делот од објектот во кој се сместени здруженијата, тие требаше да ги ослободат просториите. За жал тие се спротивставија на нашето барање и затоа нивните простории останаа нереконструирани. Исто така на здруженијата им предложив да склучиме договор за користење на просториите, како би можеле и во иднина да ги користат без било какви проблеми. Не го прифатија овој предлог и, како што и јас сум информирана, се одлучиле да поведат судска постапка. Доколку судот одлучи поинаку, тој што треба да ја спроведе судската одлука е Катастарот, а не Центарот“, вели Јованоска.  

Тужбата против ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа од Прилеп преку својот правен застапник ќе ја поднесат следните девет здруженија:

  • Здружение на градска организација на глуви и наглуви;
  • Меѓуопштинско здружение на цивилни инвалиди од војната;
  • Здружение на лица со телесен инвалидитет;
  • Клуб-советувалиште за лекувани алкохоличари;
  • Центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост;
  • Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди;
  • Здружение на слепи лица;
  • Национален сојуз на инвалиди на трудот на РМ-Здружение на инвалиди на трудот Прилеп;
  • Сојуз на превентива од алкохолизам, наркоманија и никотинизам.

Според најавите, тужбата до Основниот суд во Прилеп ќе биде поднесена до крајот на оваа недела.

Слични написи

blokator

Блокатори за мобилни телефони во Идризово

Блокатори за мобилни телефони се поставуваат во истражниот затвор во Шуто Оризари кога од фејсбук-профилот …